Зајакнувањето на пристапот до правдата преку правење соодветни истражувања на правните потреби беше во фокусот на тркалезната маса (вебинарот) организиран во Скопје, со клучните засегнати страни и со правни професионалци – иницијатива на заедничкиот проект на ЕУ и на Советот на Европа “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија”.
Во дискусијата беше нагласено дека со правењето на редовни истражувања на правните потреби на граѓаните се добиваат важни податоци и цврста основа за поефикасно планирање и давање правна помош. Ваквата пракса овозможува елаборирање и евалуирање на релевантните политики на полето на пристап до правдата коишто одговараат на потребите на граѓаните.
Учесниците од клучните институции во областа на правдата, меѓу кои, Министерството за правда, Државниот завод за статистика, граѓански организации, правни клиники, итн., кои беа присутни на настанот, имаа можност да слушнат нешто повеќе за методологиите за правни потреби од врвни меѓународни говорници, како што се, г-дин Питер ван ден Бигелар – поранешен извршен директор на холандскиот одбор за правна помош, г-дин Алан Патерсон, професор по правни науки на Универзитот Стратклајд во Глазгов, Шкотска и Претседавач со Меѓународната група за правна помош (ILAG), г-дин Мартин Граматиков, Директор за мерење на правда на хашкиот институт за иновации во законот (HILL), како и домашните консултанти: г-а Нада Наумовска, виш координатор на програми во Отворено општество и г-дин Гоце Коцевски, домашен консултант на Совет на Европа.
На Вебинарот, засегнатите институции од земјата беа запознаени со користа од спроведувањето на редовни истражувања на правните потреби, како и со меѓународни добри практики и научени лекции од спроведени истражувања на правни потреби. Овие дискусии имаа за цел да обезбедат поддршка и соработка кај домашните засегнати страни во процесот да ги усвојат ваквите практики во Северна Македонија во иднина.
Настанот беше организиран од страна на проектот “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија” кој е дел од програмата ‚‚Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II 2019-2022ʻʻ, заеднички проект на Европската унија / Совет на Европа којшто го спроведува Советот на Европа.

