Back Студенти по право од правните клиники во Северна Македонија учат како да даваат бесплатна правна помош

Скопје, Северна Македонија 10 декември 2025
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page
  • Imprimer en PDF
Студенти по право од правните клиники во Северна Македонија учат како да даваат бесплатна правна помош

Правните клиники овластени да даваат примарна правна помош играат клучна улога во обезбедувањето на пристап до правда и заштита на човековите права во согласност со европските стандарди. Во континуираните напори за зајакнување на нивните капацитети за давање на бесплатна правна помош за најранливите граѓани, 13 студенти по право учествуваа на третата каскадна обука на тема „Обезбедување на бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“, која се одржа на просториите на правната клиника за кривично право при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Поддржана од Европската унија и Советот на Европа, и организирана во тесна соработка со правната клиника при Правниот факултет во Скопје, обуката ги зајакна капацитетите на студентите преку обезбедување практично знаење и алатки кои се есенцијални за обезбедување бесплатна правна помош.

Бобан Мисоски, раководител на правната клиника, и Олег Солдатов, раководител на Канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, ги поздравија учесниците и ја истакнаа важноста на подготвувањето на идните правни професионалци за нивен активен придонес во системот за бесплатна правна помош во Северна Македонија. Тие истакнаа како правните клиники им нудат на студентите реално искуство, овозможувајќи им да го применат своето академско знаење додека им помагаат на поединците кои се соочуваат со вистински правни предизвици - заемно корисна размена која истовремено ги зајакнува и учењето и спроведувањето на правдата.

Посебна сесија беше посветена на правна помош за жртвите на кривични дела и трговија со луѓе, одржана во соработка со проектот на ЕУ и Советот на Европа "Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија". Ирена Здравкова, консултант на Советот на Европа, ја презентираше Конвенцијата за акција против трговијата со луѓе и нејзиниот механизам за следење, ГРЕТА (Група на експерти за акција против трговијата со луѓе). Учесниците беа запознаени и со работата на новоформираната Државна комисија за компензација на жртвите на насилни кривични дела и процедурите за пристап до компензација за жртвите на трговија со луѓе.

Неколку уметнички дела создадени од учесниците на натпреварот во цртежи и есеи „Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните и граѓанките“, организирани од Канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, беа донирани на правната клиника за кривично право при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Овие уметнички дела носат јасни и моќни пораки и ќе служат како трајни симболи на еднаквост, правда и човекови права во просториите на клиниката.

Во текот на обуката, студентите се занимаваа со практични вежби и студии на случаи, помагајќи да се премости јазот помеѓу теоријата и практиката. Тие ги истражуваа клучните теми за бесплатна правна помош, вклучително и разликата помеѓу примарна и секундарна правна помош и обезбедување поддршка во случаи кои вклучуваат семејно и родово-базирано насилство, како и случаи поврзани со деца.

 

Обуката беше организирана со поддршка на проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ којшто е дел од заедничката програма на Европската Унија и на Совет на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција“ во соработка со правната клиника за казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

 

 

Работата во оваа тематска област се фокусира на затворите и полицијата (вклучувајќи ги и човековите права во полицијата, здравствената заштита во затворите и заштитните мерки против тортура и малтретирање), стандардите за човекови права во судството (фокусирајќи се на подобрување на примената на судската пракса на Европскиот суд за човекови права), миграциските прашања, ефикасноста на правосудните системи (со фокус на анализа на судската статистика за оптимизирање на судските администрации) и/или правна соработка (која се концентрира на зголемување на индивидуалната независност на судиите и обвинителите и одговорноста на правосуден систем).

Проекти под тема 1: Зајакнување на правдата

*Оваа ознака не ги прејудицира ставовите за статусот и истата е во согласност со Резолуцијата на ОНСБ 1244 и Мислењето на МСП за Декларацијата за независност на Косово.