Повеќе од 20 судии/јки и јавни обвинители/ки присуствуваа на каскадната обука на тема слобода на изразување и слобода на медиумите, организирана во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа, ЈУФРЕКС, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија. Првата каскадна обука се фокусираше конкретно на говорот на омраза и клеветата.
Европските стандарди во делот на говорот на омраза и клеветата и судската пракса на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) беа презентирани од страна на меѓународна експертка од Советот на Европа која посебно стави акцент на важноста на обезбедувањето заштита согласно членот 10 од Европската конвенција за човекови права, кој го регулира правото на слобода на изразување. Балансирањето на правото на слободата на изразување и правото на приватност, секое од овие права соодветно регулирано со членовите 10 и 8 од ЕКЧП, беше дело од дискусијата помеѓу судиите/јките и обвинителите/ките кои работат на случаи кои се однесуваат на клевета.
Во текот на онлајн обуката, локалните експерти ја презентираа судската пракса и праксата на домашните судови во Северна Македонија во делот на говорот на омраза, клевета и навреда и поттикнаа дискусија помеѓу учесниците/чките за размена на практични искуства во домашните судови, како и нивни мислења како да се подобрат постапките во согласност со европските стандарди. Учесниците/чките ги споделија своите професионални искуства главно за случаи кои се однесуваат на клевета и навреда, присуство на стратешки тужби против јавно учество (SLAPP тужби) и (не)професионалноста на новинарите/ките.
Оваа каскадна обука е прва од четири каскадни обуки кои имаат за цел да придонесат кон зајакнување на капацитетите на судиите/јките и јавните обвинители/ки од Северна Македонија во делот на слободата на изразување, кон европските стандарди поставени од Европската конвенција за човекови права и ЕСЧП и да обезбедат одржливост во спроведувањето и примената на европските стандарди во нивната секојдневна професионална работа.
Овој настан беше организиран во рамки на Договорот за грант со Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија за проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС 2)“. Овој проект е дел од заедничката програма на Европската Унија/Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II“, која им овозможува на корисниците да ги спроведат реформските планови во областите човекови права, владеење на правото и демократијата, и да се усогласат со европските стандарди, вклучително, по потреба, во рамки на процесот на проширување на ЕУ.