Серија од пет информативни сесии, посветени на важноста на поседувањето на лични документи и пристап до бесплатна правна помош, беа спроведени во Скопје (општините Шуто Оризари и Гази Баба), Кичево, Битола и Куманово. Активностите спроведени од Македонското здружение на млади правници, со поддршка на ЕУ и Советот на Европа, информираа лица од ромската заедница за важноста на поседувањето на соодветни лични документи.
За време на сесиите, правниот тим на МЗМП идентификуваше 20 нови лица кои се во ризик од бездржавјанство поради недостаток на лични документи. Поголемиот дел од овие лица се деца. За време на овие средби, секое лице доби правни совети од адвокатите на МЗМП. Тие, исто така, присуствуваа на сесија за бесплатна правна помош, која беше организирана во рамките на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“, каде што беа информирани за тоа како да пристапат и да ги користат услугите за бесплатна правна помош.
Со цел да им даде поддршка на ваквите случаи, МЗМП ќе покрене законски процедури за да им помогне да добијат лични документи, вклучително и внесување во матична книга на родени, признавање на татковство, регулирање на престој и натурализација. Оваа активност е поддржана од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа - Интегарција на Роми III.
Паралелно со овие сесии, од 5 до 15 мај 2025 година, во седум општини низ Северна Македонија беа организирани низа микро-промотивни настани. Овие настани ги информираа локалните заедници за процесот на добивање на лични документи и за услугите за бесплатна правна помош кои им стојат на располагање.
Преку овие јавни средби, локалните заедници имаа можност да добијат детални информации за тоа каде и како да дојдат до бесплатна правна помош. Учесниците, исто така, поставија конкретни прашања и барања директно до правни експерти. Беа поделени информативни материјали кои се лесни за користење и кои опфаќаат клучни теми како што се семејно насилство, имотни права, антидискриминација и социјална заштита.
Овие активности беа организирани во рамките на заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ (дел од Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција) и заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа, „Интеграција на Роми – Фаза III“, во тесна соработка со Министерството за правда на Северна Македонија и Националното координативно тело за бесплатна правна помош.