Back Кон Европски стандарди: втор Управен одбор на правни професионалци/ки одржан во Скопје

Кон Европски стандарди: втор Управен одбор на правни професионалци/ки одржан во Скопје

Управниот одбор на правни професионалци/ки на проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“ го одржа својот втор состанок во хибриден формат на кој се дискутираше за постигнатите резултати и идните активности кои ги вклучуваат правните професионалци/ки. На состанокот, организиран во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа, Хоризонтален инструмент II, беа присутни клучните претставнички од Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, и Академијата за судии и јавни обвинители и Адвокатската комора на Северна Македонија како клучни партнерски институции во рамки на заедничкиот проект на ЕУ / Советот на Европа, „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“ (ЈУФРЕКС).

Лејла Дервишагич, Раководителка на оперативно работење во Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје, го отвори состанокот истакнувајќи ја важната работа на овој проект кон Европските стандарди во делот на слободата на изразување. Ја искажа својата поддршка за тимот кој работи на проектот и посветеноста на Советот на Европа да ги поддржува активностите кои следат и да одговори на потребите на корисниците и партнерските организации.

Сања Фрковиќ-Гелевска, Програмска менаџерка за Слобода на медиуми, Информатичко општество и Култура, во Делегацијата на ЕУ во Скопје, во своето воведно обраќање ја истакна важноста на заедничкиот проект на ЕУ / Совет на Европа, ЈУФРЕКС. Како што истакна, оваа соработка овозможува структуриран дијалог со институциите и им помага на граѓаните/ките да се стекнат со сознанија и искуство за потребните чекори на Северна Македонија на патот кон ЕУ. Таа истакна дека овој проект е носечки столб на полето на слободата на изразување во Северна Македонија, креирајќи линкови во соработката на сите независни тела кои работат на ова поле, како судовите, јавните обвинителства, независниот регулатор на медиуми како и граѓанскиот сектор.

Александра Богдановска, Виша раководителка на проектот Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС), на кратко елаборираше за имплементираните активности и нивните резултати, како и за активностите кои следат. Таа ја истакна важноста на соработката меѓу правните професионалци/ки и нивните соодветни институции и надвор од рамките на овој проект.

Наташа Габер-Дамјановска, Директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, говореше за резултатите реално остварени преку проектот и како тоа се рефлектира на нивото на подготвеност на судиите/ките и јавните обвинители/ки, кои преку проектот се обучуваат за методологија и пракса што им помагаат во случаите на кои работат а се поврзани со членот 10 од Европската конвенција за човекови права (Слобода на изразување). Таа се заблагодари за поддршката од ЈУФРЕКС проектот не само во форма на обука и едукација, туку и преку превод на важни материјали, како што е судската пракса на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кои се преведени на македонски јазик и споделени со правните професионалци/ки во земјата. „На овој начин ги носиме Европските стандарди дома и се надеваме дека ќе продолжиме така и во иднина“, додаде таа.

Јелена Ристиќ, Потпретседателка на Адвокатската комора во Северна Македонија, се осврна на активностите кои досега се имплементирани преку ЈУФРЕКС. Таа рече дека знаењето со кое се стекнуваат адвокатите/ките во рамките на овој проект е од исклучителна важност, и им помага во применувањето на Европските стандарди на слобода на изразување, како и судската пракса на ЕСЧП во нивната секојдневна работа. Идната соработка со овој проект е клучна за градењето на капацитетите на Адвокатската комора која е во завршна фаза на подготовки на Центарот за едукација на Адвокатската комора. Овој Центар е системско решение за континуирано образование на адвокатите/ките, со крајна цел на граѓаните/ките на Република Северна Македонија да им се обезбеди висококвалитетна правна помош, заклучи Ристиќ.

На состанокот уште еднаш се потврди дека ЈУФРЕКС и во иднина ќе биде посветен на потребите и барањата на своите партнери во делот на слободата на изразување како клучно човеково право во едно демократско општество.

Проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“ е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“.

Скопје 9 февруари 2022 година
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page