Back Зајакнување на улогата на медиумите во справување со родово заснованото насилство во Северна Македонија

Скопје, Северна Македонија 04 декември 2024
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page
  • Imprimer en PDF
Зајакнување на улогата на медиумите во справување со родово заснованото насилство во Северна Македонија

Во посветен напор за подобрување на квалитетот и сензитивноста на известувањето за родово заснованото насилство, професионалци/ки од локалните медиуми и други заинтересирани лица во Северна Македонија беа дел од работилница организирана со поддршка на Европската унија и Советот на Европа, во соработка со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Препознавајќи ја клучната улога на медиумите во обликувањето на јавното мислење, целта на работилницата беше да им овозможи на учесниците знаење и алатки за одговорно и ефективно известување за овој критичен проблем.

Зоран ТРАЈЧЕВСКИ, Директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, истакна дека: „Од клучно значење е медиумите да ја искористат својата моќ и, преку активно и соодветно обработување на случаите на родово заснованото насилство во медиумските содржини, да ја зајакнат и поттикнат индивидуалната и колективната свест за сериозноста на овој проблем. Соодветното обработување на случаите на родово заснованото насилство подразбира, меѓу другото, избегнување на говор на омраза, ненаметнување стереотипно известување и максимални напори за избегнување на секундарна виктимизација на жртвите на ваквото насилство.“

Александра БОГДАНОВСКА, постара раководителка на проектот во рамки на програмата на Европската унија и Советот на Европа „Заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија – ПРО-ФРЕКС“, изјави дека: „Медиумите играат клучна улога во справувањето со родово засновантот насилство. Тие имаат потенцијал не само да информираат, туку и да инспирираат позитивни промени во јавните ставови и однесувања. За жал, често сведочиме за известувања кои ги зацврстуваат штетните стереотипи и традиционалните улоги на жените и придонесуваат за секундарна виктимизација на преживеаните преку сензационализам.“

Родово заснованото насилство, вклучувајќи го и семејното насилство, останува сериозен проблем во македонското општество. Официјалните податоци од анализата „Жени и мажи во Северна Македонија“ покажуваат загрижувачки тренд на зголемување на случаите, при што само во 2022 година биле евидентирани 1117 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои 942 жртви се жени.

Учесниците/чките истакнаа дека статистиките опфаќаат податоци од 2020, 2021 и 2022 година, додека официјалните податоци за 2023 и 2024 година недостасуваат, што создава празнини и во известувањето за овој феномен.

Република Северна Македонија сè уште нема Централен регистар на жртви на родово базирано и семејно насилство, и покрај тоа што оваа обврска е предвидена со Истанбулската конвенција.

За време на работилницата, консултантките од Советот на Европа понудија вредни согледувања за основните аспекти на родово заснованото насилство, обезбедувајќи преглед на законодавната рамка на Северна Македонија и анализирајќи ги предизвиците што ги поставуваат анти-родовите движења во земјата. Учесниците/чките стекнаа детално разбирање на релевантните домашни закони и европските стандарди за справување со родово заснованото насилство.

Во текот на сесиите се нагласи значењето на препознавањето на механизмите за превенција, разбирањето на улогите на социјалните институции и примената на правните рамки за да се осигура дека известувањето од медиумите е точно, усогласено со воспоставените стандарди и придонесува за зголемена одговорност и општествена свест.

Ана НУШКОВА АВРАМОСКА, правнa советничка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, сподели со учесниците/чките дека мерките, активностите и услугите за превенција и заштита од родово заснованато и семејно насилство треба да се спроведуваат на начин што ја зајакнува жртвата, овозможувајќи ѝ да постигне независност и самопомош во иднина. Според неа, жртвата има право да учествува во проценката на своите потреби, да биде информирана за достапните мерки и услуги и да учествува во изборот на соодветната поддршка и заштита.

Драгана ДРНДАРЕВСКА, претставничка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, истакна пример на добро известување—„Анатомија на убиството во Кочани - Поради паланката, молчела, кога се охрабрила да побара помош, државата ја изневерила“. Иако станува збор за случај на фемицид кој беше така и означен, што е реткост, новинарското известување беше високо професионално и родово сензитивно. Во текстот беа нагласени патријархалните норми и улогата на мажите и жените во нивното одржување, потенцирајќи ги двојните стандарди кои често се применуваат кога жртвата е жена. Приказот на сторителот, исто така, беше реалистичен, избегнувајќи ги вообичаените стереотипи дека тој е „семеен човек“ или „љубезен сосед“, кои често се користат за намалување на тежината на ваквите злосторства. Деталната анализа завршува со дел кој се фокусира на институциите, нивната одговорност и придонес кон овој случај на фемицид.

Марина ТУНЕВА, експертка за медиуми, ја истакна важноста на родовата сензитивност во медиумското известување, нагласувајќи: „Стремете се да бидете родово сензитивни, бидејќи тоа ја поттикнува инклузивноста, и ми е драго што ваквите иницијативи се препознаени и видливи. Она што е важно е дека преку овој пристап си даваме поддршка и промовираме различни иницијативи поврзани со родовата еднаквост. Ако разбереме што треба да се направи во медиумското известување и меѓу другите засегнати страни, можеме да создадеме значајни подобрувања."Таа нагласи дека жените добиваат минимално медиумско покривање, особено за време на парламентарни избори, со само 20% застапеност. Кандидатките за јавни функции ретко се претставени, а кога се, тоа често е преку стереотипни прикази. „Мора да има континуитет во известувањето, редовно внимание на овие прашања и фокус на жените, не само за време на кампањи како 16 Дена активизам,“ рече Тунева. Советот на Европа препорачува одлични иницијативи, како што е охрабрување на медиумите да се борат против дискриминацијата и стереотипите. „Гласовите и перспективите на жените мора да бидат присутни и засилени во медиумскиот простор,“ додаде таа.

Катерине САРИКАKИС, авторка на „Водичот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за мониторинг на примената на стандардите за известување во случаи на родово засновано насилство во медиумите“, заклучи: „Тековниот социополитички контекст на насилство опфаќа различни форми на агресија, особено против жените во јавната сфера, вклучувајќи новинарки, политичарки, јавни личности, активистки и авторки. Родово заснованто насилство, во неговите многубројни форми како физичко, психолошко, сексуално и економско насилство, е присутно во овие контексти и често останува нерегистрирано или игнорирано. Ова насилство се проширува и на политичките арени, како за време на избори, референдуми и демонстрации, каде жените се цел на напади поради нивниот политички активизам, често соочувајќи се со вознемирување, закани и напади. Исто така, се манифестира и на спортски и културни настани, каде учеството и видливоста на жените често се потценети, а тие се соочуваат со родово насилство кое опфаќа од дискриминација до директен физички напад. Ова бара итно и насочено внимание и акција за справување со системските нееднаквости и општествените норми кои го одржуваат ваквото насилство,“ нагласи Сарикакис.

Работилницата ја истакна важноста на одговорното известување, нагласувајќи дека медиумските професионалци/ки играат клучна улога во предизвикување на стереотипите, разбивање на стигмите и поттикнување на поемпатично разбирање на родово заснованото насилство. Се нагласи потребата од избегнување на оправдување, изговори, сензационализација, банализација или глорификација на кој било облик на родово засновано насилство преку јазична или визуелна комуникација.

Особено беше потенцирана уникатната способност на медиумите да се справат со штетните стереотипи, да ги разградуваат длабоко вкоренетите стигми и да негуваат поинформирано и сочувствително разбирање на ова итно прашање. Учесниците/чките беа охрабрени да ја препознаат моќта на своите платформи и значењето на нивната употреба за промоција на свесност и одговорност.

Дополнителни информации за известувањето и мониторингот на примената на соодветните стандарди може да се најдат во „Водичот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за мониторинг на примената на стандардите за известување во случаи на родово засновано насилство во медиумите“, изработен со поддршка од ЕУ и Советот на Европа, достапен на македонски и англиски јазик.

Оваа работилница беше организирана од страна на Одделот за соработка за слобода на изразување во рамките на проектот „Заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија (PRO-FREX)“, кој е дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2023-2026“.