Судиите, обвинителите, истражителите, адвокатите и другите клучни чинители во Северна Македонија сега се подобро подготвени за гонење на трговците со луѓе и за одземање на незаконски стекнатиот имот, како резултат на специјализираната обука поддржана од Европската Унија и Советот на Европа, а спроведена во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители во Скопје. Програмата беше насочена кон зајакнување на вештините на учесниците во областа на финансиските истраги, замрзнувањето и конфискацијата на имот стекнат преку трговијата со луѓе. Сесијата ја истакна клучната улога на темелните финансиски истраги во нарушувањето на дејствувањето на криминалните мрежи, спречувањето на повторното инвестирање во незаконски активности, заштитата на интегритетот на правниот систем и поддршката на прибирањето докази.
Беа разгледани релевантните препораки на Групата експерти за борба против трговијата со луѓе (GRETA), со кои властите се повикуваат да прибираат сеопфатни докази за претрпената штета од страна на жртвите и за финансиските добивки, како и целосно да ја применуваат законската регулатива за заплена на имот со цел да се одврати трговијата со луѓе и да се поддржи обесштетувањето на жртвите.
Експерти од Словенечката развојна академија и локални специјалисти за борба против трговијата со луѓе ја реализираа обуката, споделувајќи најдобри практики и практични знаења.
„Во случаите на трговија со луѓе, осудата е само дел од одговорот: на сторителите не смее да им се дозволи да ги задржат приходите стекнати преку експлоатација. Оваа обука се фокусира на практичните одлуки потребни за истовремено истражување на финансиите и на кривичното дело, обезбедување на имотот пред тој да исчезне и подобрување на можностите жртвите да добијат обесштетување“, изјави Андреја ДОЛНИЧАР ЈЕРАЈ, извршна директорка на Словенечката развојна академија.
Учесниците беа поттикнати активно да се вклучат, да разменуваат идеи и да ја унапредуваат меѓуинституционалната соработка, со што ја потврдија својата заедничка заложба за борба против трговијата со луѓе. Настанот претставува уште една важна пресвртница во тековното партнерство меѓу Советот на Европа и јавните институции во Северна Македонија, насочено кон зајакнување на борбата против трговијата со луѓе.
Акцијата „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“ е дел од заедничката иницијатива на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.


