Директорите кои раководат со дванаесетте казнено и воспитно-поправни установи во Северна Македонија ги унапредија способностите за управување и знаењето на Европските затворски правила, во текот на сесијата за градење капацитети, која се одржа на 10-11 декември 2024 год. во Гевгелија.
Дводневната сесија се фокусираше на клучните принципи за затворски менаџмент, динамична безбедност и постапки за известување, затворска етика и надзор, како и кризен менаџмент и комуникација. Заедно со в.д. директорот на Управата за извршување на санкции (УИС), г. Александар Пандов, кој ги надгледува сите 12 установи во земјата, учесниците имаа можност да разменат искуства со двата меѓународни консултанти, како и да вежбаат на реални сценарија и студии на случај.
Почнувајќи од месец јули, сите освен еден затвор во земјата имаат нови раководители, кои имаат желба за надградување на способностите кои се клучни за секојдневното менаџирање на овие установи. Оваа активност е дел од постојаната поддршка за Центарот за тренинг и едукација на УИС, која обезбедува почетничка и продолжителна структурирана обука за затворскиот персонал. Преку овој пристап се дава придонес кон понатамошниот напредок на реформската агенда за затворите во земјата, како и јакнење на заштитата на човековите права на осудените лица и оние лишени од слобода, во согласност со европските стандарди.
Оваа сесија беше организирана во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција, односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”.