Back Полициските сили во Северна Македонија со зголемен капацитет за заштита на новинар(к)ите

Скопје, Северна Македонија 11 јуни 2025
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page
  • Imprimer en PDF
Полициските сили во Северна Македонија со зголемен капацитет за заштита на новинар(к)ите

Препознавајќи ја клучната улога на новинар(к)ите како чувар(к)и на демократијата, полицијата во Северна Македонија доби алатки и знаења за подобра заштита на медиумските професионалци/ки од закани, вознемирување и насилство – и во физичкиот и во онлајн просторот.

Во таа насока, со поддршка на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“, Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи организираше специјализирана обука за унапредување на капацитетите на полициските службеници/чки за заштита на новинар(к)ите и почитување на слободата на изразување – „Јакнење на капацитетите на полицијата за заштита на новинари во Северна Македонија: Фокус на безбедност, родово засновано насилство и онлајн вознемирување“. Настанот исто така ги претстави и постигнувањата на пошироката кампања на Советот на Европа „Новинар(к)ите се важни“.

Меѓу учесниците и учесничките беа високи претставници/чки и портпарол(к)и од Државната полиција, Центарот за обука на полицијата и Секторот за компјутерски криминал. Покрај нив, Регионалните сектори на полицијата беа претставени од раководството и службениците/чките за односи со јавноста, истакнувајќи ја важноста на оперативното раководство и јавната комуникација во заштитата на новинар(к)ите. Широката застапеност потврдува национална заложба за координирани институционални одговори и обезбедување поддршка за новинар(к)ите како жртви на кривични дела.

Оваа обука претставува важен чекор кон вклучување на вакви работилници во редовната и континуирана обука на полицијата, со што ќе се обезбеди долгорочен развој на капацитетите на полициските службеници/чки низ целата земја.

И покрај напредокот – рефлектиран во 36. место на Северна Македонија во Индексот за слобода на медиумите за 2024 година – загриженоста останува, особено пред локалните избори во 2025 година, кога ризикот од напади и онлајн вознемирување се зголемува. Последниот пад на 42. место во индексот за 2025 година објавен од „Репортери без граници“ потврдува дека и понатаму е потребна засилена заштита на новинар(к)ите.

На обуката се разговараше за унапредување на знаењата и вештините на полицијата за истражување и реагирање на закани против новинар(к)и, со посебен акцент на родово чувствителен и пристап ориентиран кон жртвата. Презентациите опфатија теми како што се заштита на слободата на изразување, правна рамка, родово засновано насилство и практични вежби за градење доверлива и почитувачка комуникација со медиумските професионалци/ки.

На настанот се обрати и националната контакт точка за кампањата на Советот на Европа „Новинар(к)ите се важни“, г-дин Мухамед Исмаиљи – Помошник на министерот на Оддел за односи со јавноста и стратешки прашања при Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, кој ги презентираше тековните напори за унапредување на безбедноста на новинар(к)ите и идни иницијативи за подигнување на свеста во земјата.

Преку оваа обука, учесниците и учесничките го продлабочија своето разбирање за стандардите на Советот на Европа, вклучително и Препораката CM/Rec(2016)4 за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери, и разменија добри практики за истрага на закани и обезбедување навремена институционална соработка. Особен акцент беше ставен на справување со родово специфични закани – особено кон новинарки – и борба против онлајн вознемирување преку специјализирани знаења и алатки.

Учесниците/чките ја нагласија вредноста на стекнатите практични увиди и се обврзаа дека ќе го применат знаењето за создавање побезбедна и подржувачка средина за новинар(к)ите во целата држава. Во рамки на овие напори, националната контакт точка предложи портпарол(к)ите на Регионалните полициски сектори (или назначени службеници/чки за медиуми каде што нема портпарол/ка) да бидат воспоставени како локални контакт точки на кои новинар(к)ите ќе можат да пријавуваат настани поврзани со нивната безбедност.

Обуката беше организирана во рамки на заедничката програма на Советот на Европа и Европската унија „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција“ и проектот „Заштита на слободата на изразување и медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“, коj го спроведува Одделението за соработка за слобода на изразување во рамките на Советот на Европа.