Со цел да се унапреди пристапот до правда за граѓаните, група од 15 судии од Северна Македонија го зајакнаа своите познавања за правната рамка за бесплатна правна помош и ги подобрија своите вештини во примената на стандардите за бесплатна правна помош во граѓанските и управните постапки. Поддржана од Европската унија и Советот на Европа, оваа обука се одржа во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители. Покрај судиите, на настанот присуствуваа и шест претставници од Министерството за правда и неговите подрачни одделенија/канцеларии, како и претставници од правните клиники и адвокатите.
Искусен локален консултант на Советот на Европа ја водеше обуката преку комбинација од презентации, студии на случај и групна дискусија заснована на случаи. Учесниците го разгледаа опфатот и клучните принципи на Законот за бесплатна правна помош, критериумите за одобрување на секундарна правна помош и практичните обврски на судовите во постапките за бесплатна правна помош. Посебен акцент беше ставен на примената на теоретските концепти во реални правни ситуации, вклучително и прашања поврзани со трошоци, вештаци и застапување.
Учесниците дискутираа и за водечките пресуди на Европскиот суд за човекови права, како што се Airey против Ирска, Kreuz против Полска, и Steel and Morris против Обединетото Кралство, истражувајќи ги нивните импликации за обезбедување ефективен пристап до суд во националната практика.
Активноста придонесе за зајакнување на капацитетите на судиите да го применуваат домашното законодавство и европските стандарди за човекови права, со цел подобар пристап до правда за ранливите групи во Северна Македонија.
Оваа активност беше организирана во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители во рамките на проектот “За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија” кој е дел од заедничката иницијатива на Евроспката Унија и на Совет на Европа, “Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција”.


