Северна Македонија успешно ги пилотира Стандардните оперативни процедури (СОП) за подготовка пред отпуст и пост-пенална поддршка, воведени како новина во 2024 година, наведувајќи го текот на чекорите во постапката пред и по отпуст на осудените лица.
За да се олесни пилотирањето на овој СОП, со поддршка на ЕУ и Советот на Европа се организираа две работилници во Скопје и Штип, како градови со најголемите затвори во земјата. Учествуваа вкупно 25 службеници надлежни за ресоцијализација, пробација, како и претставници на Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување, кои ги анализираа конкретните предмети што ќе бидат следени во идниот период. Во текот на состаноците, се разговараше за случаите по кои тековно се постапува, како и за чекорите кои секоја институција треба да ги преземе. Еден од клучните заклучоци беше и потребата за отворен разговор со судиите, што може да помогне во зголемување на пробациските предмети, придонесувајќи во олеснување на пост-пеналната интеграција.
Пилотирањето следи по двегодишен период на размена на податоци и состаноци, на кои учествуваа искусни професионалци од Управата за извршување на санкции, Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и затворските и пробациските службеници, судии и граѓански организации.
Наведените активности се дел од постојаните напори на ЕУ и Советот на Европа, насочени кон јакнење на меѓу-институционалната координација и размената на информации, со цел олеснување на реинтеграцијата на осудените лица, како и намалување на високиот степен на рецидивизам.
Оваа активност беше спроведена во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција, односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”.