Back Европска Унија и Совет на Европа ја поддржаа Третата Регионална конференција во рамките на „Иницијатива 2020“ на тема проактивна транспарентност и Тромсо Конвенцијата

Европска Унија и Совет на Европа ја поддржаа Третата Регионална конференција во рамките на „Иницијатива 2020“ на тема проактивна транспарентност и Тромсо Конвенцијата

Заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС)“ во текот на изминатите два дена ја поддржа Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер на Северна Македонија (АСПИ) преку организација на Третата Регионална конференција во рамките на „Иницијатива 2020“: Проактивна транспарентност и Тромсо Конвенцијата.

За време на конференцијата, независните тела за слободен пристап до информации од јавен карактер, потписници на „Иницијатива 2020“ од Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Словенија, се договорија проактивната транспарентност да биде клучна алатка за транспарентност, отчетност и отвореност на институциите како иден фокус на законите за слободен пристап до информации од јавен карактер. Објавувањето и прикачувањето податоци на интернет страниците на јавните тела, треба да биде примарна обврска и должност, додека транспарентноста во постапувањето по барања за пристап до информации треба да биде секундарна обврска на имателите на информации во државните тела.

Патрик Пенинкс, Директор на Одделот за информациско општество, Совет на Европа, ја отвори Регионалната конференција така што се осврна на ефективната заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер, како клучна карактеристика на доброто владеење и како индикатор дали едно општество е навистина демократско и плуралистичко или не е, и дали е отворено за учество на граѓан(к)ите во прашањата од јавен интерес. Тој додаде и дека е еднакво важно за слободните и независните медиумски куќи, новинар(к)ите и другите медиумски актери да имаат правен и загарантиран пристап до информации и официјални документи со цел да ја информираат јавноста и да спроведуваат новинарски истражувања. Без транспарентно регулирање на медиумите и брз пристап до информации од јавен интерес, новинар(к)ите се спречени во извршувањето на нивната мисија за објективно информирање на јавноста.

Славица Грковска, Заменичка на Претседателот на владата задолжена за политики за добро владеење, Влада на Република Северна Македонија, го поддржа овој настан и целта на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер на Северна Македонија кон проактивна транспарентност. Како претставничка на Владата, ја изрази политичката волја да се поддржи процесот на потпишување и ратификување на Тромсо Конвенцијата, т.е. на Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи (CETS No. 205). Таа посебно ја истакна значајната поддршка од Советот на Европа, преку Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје во процесот на донесување на европските стандарди на домашен терен.

Лејла Дервишагич, Раководителна на оперативно работење во Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, во нејзиниот говор се фокусираше на важноста на Тромсо Конвенцијата како прв меѓународен договор за општото право на пристап до официјални документи, која стапи на сила на 1 декември 2020 година. Таа додаде дека оваа Конвенција може да се смета за составен дел од едно транспарентно и демократско владеење, преку кое се зајакнува плурализмот и демократското општество, како и транспарентноста на јавните тела. Истовремено, таа е инструмент за интегритет, ефикасност, ефективност и отчетност на јавните тела.

Меѓународниот експерт на Советот на Европа, Ивар Тало, ги презентираше европските искуства во делот на примената на Тромсо Конвенцијата како и добрите практики и придобивките од нејзината примена.

Уште една додадена вредноста на оваа Регионална конференција организирана во рамките на заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа, ЈУФРЕКС, е учеството на делегацијата од Канцеларијата на Комесарот за информации и заштита на податоци од Албанија како набљудувач(к)и, бидејќи тие не се потписници на „Иницијатива 2020“. Земајќи ја предвид регионалната компонента на ЈУФРЕКС, учесничките од Албанија имаа прилика да придонесат со своето искуство бидејќи тие се меѓу оние земји кориснички од регионот на Западен Балкан и ја имаат потпишано и ратификувано Тромсо Конвенцијата.

Оваа Регионална конференција беше организирана во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ и проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС)

 

 

* Оваа ознака не ги прејудицира ставовите за статусот и истата е во согласност со Резолуцијата на ОНСБ 1244 и Мислењето на МСП за Декларацијата за независност на Косово.

 
СТРУГА - Северна Македонија 6-7 октомври 2022 година
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page