Борбата против дискриминацијата и антициганизмот претставува значаен приоритет во напорите на Советот на Европа за изградба на еднакви и инклузивни општества. Социјалните работници во Северна Македонија често се наоѓаат во првите редови во работата со ранливите заедници, обезбедувајќи поддршка и помош. Во таа насока, 22 социјални работници и работнички од целата земја учествуваа на специјализирана обука за антидискриминација и борба против антициганизмот, организирана во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка на Европската Унија и Советот на Европа.
Обуката обезбеди сеопфатен преглед на клучните принципи на антидискриминација, практични алатки и конкретни стратегии за спротивставување на антициганизмот – форма на расизам и дискриминација што сè уште ги засега ромските заедници низ Европа. Учесниците дискутираа за правната рамка во областа на антидискриминацијата, како и за историјата и влијанието на движењето против антициганизмот во регионот. Во рамките на активноста беа споделени и алатки за препознавање и справување со говорот и делата на омраза во локалните средини.
Учесниците имаа можност да анализираат студии на случај, да дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат Ромите и Ромките, како и да разменат добри практики за поддршка на жртвите на дискриминација и антициганизам. Тие се запознаа и со ефективни стратегии за интервенција, при што теоретските знаења беа тесно поврзани со практичната примена.
Обуката ги охрабри учесниците да развијат конкретни чекори за интегрирање на принципите на антидискриминација во нивната секојдневна работа. Многумина изразија обновена посветеност на застапување за правата на Ромите и Ромките и другите ранливи групи на локално ниво.
Оваа активност претставува дел од тековните напори на Европската Унија и Советот на Европа за поддршка на јавните институции во Северна Македонија во насока на изградба на кохезивно, еднакво и инклузивно општество. Таа беше организирана во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Интеграција на Ромите – Фаза III“, во партнерство со Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка на заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент III“ и проектот „Борба против омраза и нетолеранција“.


