Back Зајакнување на медиумските професионалци/ки: Работилница за унапредување на известувањето за родово засновано насилство во медиумите во Северна Македонија

Скопје 5 декември 2023 година
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page
  • Imprimer en PDF
Зајакнување на медиумските професионалци/ки: Работилница за унапредување на известувањето за родово засновано насилство во медиумите во Северна Македонија

Родово заснованото насилство е во пораст во Северна Македонија, со околу дваесетина случаи на фемицид забележани од 2019 година навака. За четири години, започнати се 17 кривични постапки за фемицид, во кои 19 жени биле убиени. Најголем дел од жртвите страдале од нивните поранешни или моментални партнери или сопрузи, и убиствата најчесто се случувале во нивните домови, согласно последниот извештај за фемицид во Северна Македонија. Интересот на медиумите за известување за вакви случаи е значителен, но во повеќето случаи недостасуваат стандарди за ваквото известување поради што се нанесува дополнителна штета на жртвите – феномен познат како ревиктимизација. Медиумите со право се идентификувани како клучни актери во спречувањето насилство против жените, поради што имаат главна улога во образованието и подигањето на свеста.

Со цел унапредување на квалитетот и сензитивноста на известувањето за родово засновано насилство, професионалци/лки од регионалните медиуми во Северна Македонија учествуваа на работилница организирана со поддршка од Европката Унија и Советот на Европа, во соработка со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Препознавајќи ја водечката улога на медиумите во формирањето на јавното мислење, работилницата имаше за цел да ги опреми учесниците/чките со потребното знаење и алатки за одговорно и ефективно известување за ова клучно прашање.

Консултантките од Советот на Европа ги претставија фундаменталните концепти поврзани со родово заснованото насилство, почнувајќи од суштинската разлика помеѓу пол и род, до анти-родовите движења во земјата. Учесниците/чките беа запознаени со релевантната домашна легислатива и со европските стандарди за родово засновано насилство. Разбирањето на механизмите за превенција, улогата на социјалните институции и правните рамки се суштински за да се осигура дека известувањето во медиумите е во согласност со воспоставените норми и придонесува кон една култура на одговорност.

На работилницата се потенцираше значењето на одговорното известување, истакнувајќи дека медиумските професионалци/ки имаат значајна улога во предизвикувањето на стереотипите, кршењето на стигмата и зајакнувањето на поемпатично разбирање на родово заснованото насилство. Дополнително се потенцираше потребата да се воздржува од оправдување, извинување, сензационализирање, тривијализирање или славење на било која форма на родово засновано насилство преку вербална или визуелна комуникација.

Повеќе детали за известување и мониторинг на примената на соодветните стандарди се содржани во „Водичот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за мониторинг на примената на стандардите за известување за случаи на родово засновано насилство во медиумите“, достапен на македонски и англиски јазик.

Оваа работилница е организирана во рамки на заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа „Заштита на слободата на изразување и на слободата на медиумите во Северна Македонија“ (ПРО-ФРЕКС), дел од програмата Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција.