Back Надоместок на штета за жртвите на трговија со луѓе во фокус за време на одбележувањето на неделата за борба против трговијата со луѓе

Скопје, Северна Македонија 9 декември 2025
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page
  • Imprimer en PDF
Надоместок на штета за жртвите на трговија со луѓе во фокус за време на одбележувањето на неделата за борба против трговијата со луѓе

Жртвите на трговија со луѓе во Северна Македонија, често се соочуваат со долги процеси за обновување на својот живот и реинтеграција во општеството. Надоместокот на штета, како средство за справување со неправдата што овие жртви ја претрпеле од страна на општеството, е клучно за нивната ресоцијализација и реинтеграција. Оваа недела, како дел од напорите за промоција на пристапот до надоместокот на штета и влијанието што може да го има, заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа "Зајакнување на активностите против трговијата со луѓе во Северна Македонија" организираа форум за дискусија за државната компензација во Скопје по повод Меѓународниот ден на човековите права и неделата за борба против трговијата со луѓе.

Правни професионалци, социјални работници, граѓанското општество и претставници на Министерството за внатрешни работи, кои се на чело во борбата против трговијата со луѓе, се сретнаа за да ја истакнат важноста на компензацијата, која што е клучна за закрепнувањето, достоинството и безбедноста на жртвите.

"Жртвите на кривично дело со насилство мора да го остварат своето право на компензација, бидејќи тоа игра клучна улога во помагањето да ги обноват своите животи и да ја обезбедат својата иднина", рече Светлана ЦВЕТКОВСКА, Координаторка на Националниот механизам за упатување. "Жртвите на трговија со луѓе често немаат никакво сместување, документи, вработување, додека истовремено се носат и со психолошката траума. Компензацијата им дава можност за лекување и ја поддржува нивната ресоцијализација и реинтеграција во општеството", продолжи таа.

Доделените надоместоци на штета на жртвите беа разгледани од учесниците, илустрирајќи како таквата поддршка може да им помогне на жртвите да ја вратат својата стабилност. Учесниците исто така ги разгледаа доказите потребни за барање на компензацијата. Сознанијата и загриженостите изнесени за време на настанот ќе придонесат кон изработката на претстојната национална стратегија и акциски план за 2026-2030 година.

Информативните материјали за барање компензација, кои беа подготвени со поддршка на овој проект, беа претставени на учесниците. Тие се достапни на повеќе јазици на веб-страницата на Канцеларијата за програми на Советот на Европа во Скопје.

Овој форум за дискусија беше организиран во соработка со Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и Комисијата за паричен надоместок на жртвите на кривично дело со насилство.

Проектот "Зајакнување на акцијата против трговијата со луѓе во Северна Македонија" е дел од програмата "Хоризонтален механизам за Западен Балкан и Турција", ко-финансирана од Европската унија и Советот на Европа и спроведена од Советот на Европа.