Стратешките тужби против јавно учество (SLAPP – Strategic Lawsuits Against Public Participation) се тужби поднесени не со цел да се добие правда, туку за да се заплашат, замолчат или исцрпат ресурсите на новинар(к)ите, медиумските работници/чки и активист(к)ите кои откриваат неправилности. Често прикриени како тужби за клевета или граѓански спорови, СЛАП тужбите го злоупотребуваат правниот систем за да го потиснат критичкото известување и да го ограничат јавниот надзор. Овие злоупотребувачки тужби стануваат сè поголем проблем ширум светот, заканувајќи ѝ се на слободата на изразување, транспарентноста и одговорноста. Затоа, препознавањето и справувањето со СЛАП тужбите е клучно за медиумските професионалци/ки, правните практичар(к)и и граѓанското општество.
Со поддршка од заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа „Заштита на слободата на изразување и на слободата на медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“, во соработка со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Тренинг - Академијата за новинари и медиумски работници (Т-ЗНМ) финансирана од ЕУ, беше организирана тридневна обука за Стратешки тужби против јавно учество (СЛАП). Обуката се одржа од 21 до 23 август 2025 година во Маврово и собра новинар(к)и и адвокат(к)и со цел да ги зајакне нивните капацитети за препознавање, превенција и одговор на СЛАП тужби.
Програмата вклучи интерактивни дискусии водени од консултантите, практични вежби и студии на случаи од реалниот живот. Тренинг програмата на Советот на Европа беше прилагодена на специфичните потреби на новинар(к)ите и контекстуализирана во рамките на националното правно и медиумско опкружување. Клучните теми ги опфатија Препораката на Советот на Европа за СЛАП тужби, законите за клевета и навреда како потенцијални алатки за правно вознемирување, практични правни стратегии според членот 10 од Европската конвенција за човекови права, како и мерки за безбедност за новинар(к)ите кои се соочуваат со закани и вознемирување. Учесниците/чките ги применуваа овие меѓународни стандарди и ги адаптираа алатките на ПРО-ФРЕКС на хипотетички и реални сценарија, споделуваа искуства и дискутираа за заеднички стратегии за одговор на СЛАП тужби во националниот контекст.
Обуката го нагласи значењето на заштитата на правата на новинар(к)ите во чувствителни периоди, како што се претстојните локални избори во Северна Македонија во октомври 2025 година, кога новинар(к)ите и медиумите може да се соочат со зголемен притисок и ризик од СЛАП тужби насочени кон замолчување на критичкото известување. Врз основа на дискусиите и искуствата споделени за време на обуката, ќе бидат изработени практични насоки за справување со СЛАП тужби наменети за новинар(к)ите, со цел да се поддржи нивната работа и да се зајакне заштитата од правно заплашување.
Обуката ја потврди постојаната посветеност на ЗНМ, ПРО-ФРЕКС и T-AJM во поддршката на новинар(к)ите и правниците/чките во справувањето со заканите за слободата на изразување и зајакнувањето на владеењето на правото. Воедно, таа придонесе за градење доверба и вмрежување на овие две групи, поставувајќи основа за долгорочна соработка и заемна поддршка во справувањето со СЛАП тужби и други притисоци во иднина.
Обуката беше организирана во рамки на заедничката програма на Советот на Европа и Европската унија „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција“ и проектот „Заштита на слободата на изразување и медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“, коj го спроведува Одделението за соработка за слобода на изразување во рамките на Советот на Европа.