Back Нов Водич им помага на новинар(к)ите во Северна Македонија да ги препознаат и да одговорат на SLAPP тужбите

Северна Македонија 13-14 јули 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page
  • Imprimer en PDF
Нов Водич им помага на новинар(к)ите во Северна Македонија да ги препознаат и да одговорат на SLAPP тужбите

Новинар(к)ите и медиумските работници/чки во Северна Македонија сега имаат практичен Водич кој ќе им помогне да ги препознаат, спречат и соодветно да одговорат на стратешките тужби против јавното учество (SLAPP), зајакнувајќи ја нивната способност да ја заштитат слободата на изразување и да продолжат да известуваат за прашања од јавен интерес.

Подготвен во рамките на акцијата на Европската Унија и Советот на Европа „Заштита на слободата на изразување и медиумите во Северна Македонија“, Водичот има за цел да им помогне на новинар(к)ите навремено да ги препознаат карактеристиките на SLAPP тужбите, да разберат како функционираат овие злоупотребувачки правни постапки и да добијат практични насоки за правна и професионална заштита.

SLAPP тужбите се злоупотребувачки правни постапки чија цел е да ги замолчат критичките гласови и да го обесхрабрат известувањето за прашања од јавен интерес. Иако формално се поднесуваат како тужби за заштита на угледот или други права, нивната вистинска цел честопати е да извршат финансиски, професионален и психолошки притисок врз новинар(к)ите и медиумите, создавајќи обесхрабрувачки ефект врз слободата на изразување.

Водичот нуди сеопфатен преглед на концептот на SLAPP тужбите, нивните главни карактеристики и показатели, релевантната меѓународна судска практика и примери од домашниот контекст. Тој, исто така, ги опфаќа новите анти-SLAPP одредби воведени во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, заедно со практични препораки за превенција, постапување пред и во текот на судските постапки, психолошка поддршка и достапни ресурси за новинар(к)ите.

Публикацијата доаѓа во период кога се зајакнуваат европските механизми за справување со злоупотребувачките судски постапки, вклучително и преку Анти-SLAPP директивата на Европската Унија и Препораката CM/Rec(2024)2 на Советот на Европа за спротивставување на употребата на SLAPP тужби.

Преку обезбедување практични насоки и достапни правни информации, Водичот придонесува кон зајакнување на отпорноста на новинар(к)ите и медиумските работници/чки и поддржува создавање побезбедна средина за независно известување во Северна Македонија.

Оваа иницијатива ја спроведува Одделението за соработка во областа на слободата на изразување, во рамките на акцијата „Заштита на слободата на изразување и медиумите во Северна Македонија“, како дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.

 

 

 

 Водичот е достапен на македонски јазик и може да се преземе тука.

Хоризонтален инструмент III

Заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ (Хоризонтален инструмент III) е иницијатива за соработка, која трае од 2023 до 2026 година. Програмата опфаќа проекти во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Турција. Тоа им овозможува на корисниците да ги исполнат своите реформски агенди во областа на човековите права, владеењето на правото и демократијата и да се усогласат со европските стандарди, што е исто така приоритет за процесот на проширување на ЕУ.

Ковертот на овој објект изнесува околу. 41 милион евра (85% финансирани од ЕУ, 15% од СЕ

*Оваа ознака не ги прејудицира ставовите за статусот и истата е во согласност со Резолуцијата на ОНСБ 1244 и Мислењето на МСП за Декларацијата за независност на Косово.