Еднаквиот пристап до правда е основно право што ги омоќува поединците и ги зајакнува општествата - особено за најранливите. Тридневната обука за имплементација на Законот за бесплатна правна помош во случаи што вклучуваат ранливи групи, одржана во Струмица, беше фокусирана на помош за жртви на семејно и родово базирано насилство, жртви од казниви дела и трговија со луѓе, како и правна помош во случаи во кои се вклучени деца. 40 претставници/чки од подрачните одделенија на Министерството за правда, Центрите за социјална работа и Министерството за внатрешни работи присуствуваа на обуката поддржана од Европската унија и Советот на Европа, и организирана во тесна соработка со Министерството за правда и Министерството за социјална политика, демографија и млади. Преку практични сесии и примери од реалниот живот, учесниците/чките се стекнаа со клучни знаења и алатки неопходни за ефикасен пристап до бесплатна правна помош за ранливите групи или поединци.
Дискусиите се фокусираа на конкретни акции и интервенции за подобрување на ефективноста на релевантните институции во примената на Законот за бесплатна правна помош, особено во сложени и сензитивни случаи што вклучуваат семејно и родово базирано насилство и деца. Активноста има за цел и унапредување на меѓуинституционалната координација и соработка меѓу клучните чинители.
Посебна сесија беше посветена на специфичните предизвици поврзани со имплементацијата на Законот за бесплатна правна помош во случаи со жртви од казниви дела и трговија со луѓе. Учесниците/чките ја разгледаа практичната примена на релевантните законски одредби преку реални примери и дискутираа за можни начини за унапредување. Тие беа запознаени и со работата на новоформираната Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство и процедурите за пристап до надомест за жртвите на трговија со луѓе.
Дополнително, беше организирана посебна работна сесија со Дајанчо Ефтимов – државен секретар на Министерството за правда, и претставниците/чките на подрачните одделенија на Министерството за правда. Дискусиите беа насочени кон зајакнување на координацијата и комуникацијата меѓу подрачните одделенија и Министерството за правда. Учесниците/чките дискутираа и за можностите за воспоставување континуирана професионална обука на кадарот со цел обезбедување доследна и квалитетна услуга.
Настанот беше организиран со поддршка на проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“, дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.




