Kазнено-поправната установа Идризово, најголемиот затвор во Северна Македонија, сега има посебно детско катче наменето за младите посетители и семејствата на осудените лица. Катчето се наоѓа во просторијата за посети, како безбедна и топла средина која се користи во текот на семејните посети.
Претставниците на надлежните институции, Делегацијата на Европската Унија, како и на Советот на Европа учествуваа на отворањето во КПУ Идризово.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов ја истакна важноста на ова катче во процесот на ресоцијализација, особено што Идризово е единствениот затвор каде казна издржуваат осуденички. „Вистинските придобивки на оваа донација се далеку поголеми од финансиската вредност”, изјави Пандов, благодарејќи ѝ на ЕУ и на Советот на Европа за постојаната поддршка.
Во неговото обраќање, Бен Нупнау, заменик-шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија потсети на последниот извештај на Европската Комисија за Северна Македонија, каде се истакнува постојаната потреба за подобрување на условите во затворите, особено во затворот Идризово. „Подобрувањето на условите во затворите не е само барање во последниот извештај на Европската Комисија – тоа е одговорност на државата кон секое лице кое влегува во овие простории, вклучувајќи ги и децата. Ова ново катче е мал, но значаен чекор кон похуман систем каде се штити достоинството и каде семејните посети се побезбедни и полесно. Се надеваме дека ова ќе поттикне постојани напори за зголемување на стандардите во сите пенитенцијарни установи”, изјави Нупнау.
Донче Бошковски, раководител на одделение II, Оддел за соработка на тема полиција и лишување од слобода, Совет на Европа изрази надеж дека со ова детско катче ќе се повтори успехот кој е веќе постигнат во сличните катчиња кои се опремени низ земјата. „Оваа иницијатива ги одразува заложбите на властите за спроведување на препораките на Комитетот на министрите на Советот на Европа од 2018 година, во врска со потребите на децата чии родители издржуваат казна затвор,” рече Бошковски.
Во текот на изминатата деценија, Европската Унија и Советот на Европа работат блиску со затворските власти на Северна Македонија, со цел подобрување на третманот и рехабилитацијата на осудените лица во казнено-поправните установи, согласно европските стандарди и најдобрите практики. Подобрувањето на здравствената заштита во затворите, како и поддршката за Надворешниот механизам за контрола над лицата со полициски активности ќе продолжат да бидат приоритет.
*****
Оваа иницијатива се спроведува во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција” односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”, во соработка со Управата за извршување на санкции и КПУ Идризово, кои придонесоа со цртање на ѕидовите и адаптирање на просториите.
Сликите од овој настан се достапни ТУКА.
За повеќе информации:
Ѓакуш Кабаши, виш проектен раководител, Совет на Европа, +38975495495
Бесник Бака, регионален службеник за комуникации, Совет на Европа, +355692178430





