Како локалните институции и граѓанското општество можат поефикасно да спречуваат дискриминација и да се погрижат луѓето да знаат кому да му се обратат кога им се повредени правата? Ова беше во фокусот на работилницата што се одржа во Тетово на 29 октомври. На неа присуствуваа повеќе од 30 претставници на образовниот сектор, граѓански организации и локалната самоуправа, кои разговараа за практични механизми за заштита и начини за унапредување на еднаквоста на ниво на заедницата.
Работилницата беше насловена „Поблиску до граѓаните: Заштита од дискриминација и унапредување на човековите права“. На отворањето, Јусуф Абдули, претседател на Советот на Општина Тетово, упати силна порака, нагласувајќи ја важноста од заедничка работа за заштита на човековите права и унапредување на еднаквоста во заедницата.
Работилницата беше организирана во партнерство со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител. Учесниците стекнаа корисни знаења и алатки за поефикасно препознавање и справување со дискриминацијата. На настанот беа претставени практични пристапи и беше поттикнат дијалог, со што на лидерите во заедницата во Тетово им се даде поттик да ја предводат борбата против нетолеранцијата. Посветеноста на Тетово кон унапредувањето на човековите права покажува дека трајните промени започнуваат со локални иницијативи и активно лидерство.
Оваа иницијатива беше поддржана од проектот „Борба против омразата и нетолеранцијата во Северна Македонија“, кој е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.




