Трудовата експлоатација влијае на ранливите поединци кои се присилени или измамени во експлоатирачки работни ситуации. Властите во Северна Македонија и поврзаните чинители се посветени да ја намалат побарувачката за услуги што ги нудат жртвите на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација, бидејќи Кривичниот законик во Северна Македонија го казнува користењето на услугите што ги даваат жртвите на трговија со луѓе.
Иницијативата за подигање на јавната свест „Можеби и вие сте вклучени во трудова експлоатација“ , спроведена од Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија со поддршка на ЕУ и Советот на Европа, започна на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, 18 октомври. Таа има за цел да придонесе кон спречување и искоренување на трговијата со луѓе за трудова експлоатација ставајќи акцент на социјалниот дијалог, ширењето информации и консултациите со работниците, истовремено промовирајќи ги етичките работни практики и работничките права. Главна цел е да придонесе кон намалување на побарувачката за услуги давани од жртви на трговија со луѓе, и кон градење на добро информирано, будно и одговорно општество кое активно придонесува за превенција и борба против трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација.
За да се подигне јавната свест за последиците од користењето услуги обезбедени од жртвите на трговија со луѓе кои се експлоатирани за работни цели, Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија изработи низа информативни и промотивни материјали, вклучувајќи четири Водичи за спречување трудова експлоатација насочени кон индустриите кои се најподложни на трудова експлоатација, како што се земјоделството, градежништвото, туризмот и угостителството. Исто така, дизајнираше седум различни постери и три летоци упатени до работодавците, вработените и пошироката јавност, кои се широко споделени преку социјалните медиуми и на соодветни тематски настани. Во рамките на оваа иницијатива, Бизнис конфедерацијата ќе испорача четири работилници за работодавци, работници и претставници на локалните заедници, врз основа на веќе изработените Водичи за спречување на употреба на работната сила на жртвите на трговија со луѓе. Исто така, ќе хостира веб-страница посветена на спречување на трговијата со луѓе за трудова експлоатација.
Иницијативата за подигање на јавната свест „Можеби и вие сте вклучени во трудова експлоатација“ што ја спроведува Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија, е поддржана од проектот „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија “Овој проект е дел од заедничката програма на Европската Унија/Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III 2023 – 2026 година“.