Back Отворено детско катче и фурна за леб во КПУ Затвор Куманово, со поддршка од ЕУ и Советот на Европа

Куманово 13 декември 2023
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page
  • Imprimer en PDF
Отворено детско катче и фурна за леб во КПУ Затвор Куманово, со поддршка од ЕУ и Советот на Европа

Вкупно 220 лица лишени од слобода ќе придобијат од новата фурна за леб во КПУ Затвор Куманово, а околу 90 деца ќе имаат можност да го користат детското катче при посета на нивните родители и членови на семејството.

Опременото детско катче и фурна за леб, со вкупна вредност од над €17,000 беа обезбедени преку заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција” во рамките на проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”, во соработка со Управата за извршување на санкциите, како и КПУ Затвор Куманово, кој придонесе со боење на детското катче.

Штефен Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија изјави дека приоритет треба да биде подобрувањето на управувањето со затворите и надзорот, како и професионализацијата на вработените, обезбедувањето здравствена заштита и борбата против несоодветното постапување. „Денешното отворање е резултат на плодната соработка со затворските власти во Северна Македонија, кон градење на побезбедно и похумано општество”, рече тој.

Со цел подобрување на заштитата на човековите права на осудените лица и нивните семејства, Европската Унија и Советот на Европа работат заедно со институциите на Северна Македонија за подобрување на третманот и рехабилитацијата на лицата лишени од слобода, кон јакнење на здравствената заштита во затворите и понатамошно зајакнување на Надворешниот механизам за контрола.

Во своето обраќање на денешниот настан, директорот на Управата за извршување на санкциите, Јовица Стојановиќ, изјави дека оваа активност е дел од активностите на Управата за подобрување на затворските услови, во рамките на пошироките напори на Советот на Европа.

Тања Ракушиќ-Хаџиќ, раководителка на Одделението за соработка на тема полиција и лишување од слобода, Совет на Европа, истакна дека оваа донација цели кон поддржување на реинтеграцијата на лицата по издржување на казната затвор. „Повеќе од десет години, Советот на Европа работи со институциите на Северна Македонија за унапредување на реформите кои се толку многу потребни, како и за заштитата на човековите права на осудените лица, согласно препораките на Европскиот комитет за заштита од тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување”, изјави Ракушиќ-Хаџиќ.

Детското катче во КПУ Затвор Куманово е трет од таков вид, по затворите во Штип и Прилеп, кои исто така беа поддржани од Европската Унија и Советот на Европа. Оваа иницијатива ги одразува заложбите на властите за спроведување на препораките на Комитетот на министрите на Советот на Европа, во врска со потребите на децата чии родители издржуваат казна затвор. Пред две години беа опремени шест затворски амбуланти, дополнително на обезбедените обуки, изработувањето на Националната пенитенцијарна стратегија и други важни документи.

 

NORTH MACEDONIA: Children’s corner and bakery oven inaugurated in Kumanovo Prison with EU and Council of Europe support