Back Измени на Кривичниот закон во Северна Македонија со цел подобрување на безбедноста на новинар(к)ите

Измени на Кривичниот закон во Северна Македонија со цел подобрување на безбедноста на новинар(к)ите

На вебинар со претставници од Министерството за правда и професионални новинар(к)и, адвокати, обвинител(к)и како и претставници на граѓанскиот сектор се дискутираа измените и дополнувањата на Кривичниот закон во Северна Македонија. Ова е прв од двата вебинари организирани во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија  (ЈУФРЕКС)“ за да се развие дискусија со клучните чинители на полето со цел подобрување на слободата на изразување и обезбедување посилна заштита за новинар(к)ите во Северна Македонија.

Министерот за правда, г-дин Бојан Мариќиќ, им се обрати на учесниците/чките преку видео, истакнувајќи ја важноста на овој наста и размената на искуства и знаења кои ќе придонесат кон консултативниот процес што следи под водство на Министерството за правда, а на тема измени и дополнувања на Кривичниот закон. Тој ги потврди заложбите на властите во Северна Македонија во делот на заштита на човековите права, посебно правото на слобода на изразување, каде безбедноста на новинар(к)ите како ‘чувари на демократијата’ е и понатаму приоритет. Новата категоризација на кривични дела против новинар(к)и ќе овозможи побезбедно опкружување за нив професионално и приватно и зголемениот број санкции соодветно ќе одговорат на можните напади.

Г-дин Патрик Пенинкс, Директор на Одделот за информатичко општество, Совет на Европа, потврди дека промовирањето поволно опкружување за слобода на медиумите, поддржувањето на новинар(ки)те во нивната работа и подобрување на нивната безбедност се приоритети високо на агендата на Советот на Европа. Тој ги спомена важните алатки кои ги изработи Советот на Европа во насока на заштита на слободата на емедиумите и безбедноста на новинар(к)ите, како Препораката CM/Rec(2016)4 и соодветниот Водич за нејзина имплементација, како и новиот ХЕЛП онлајн курс за заштита и безбедност на новинарите. Тој истакна дека овој вебинар е навремена можност да се разговара за проблеми со имплементација на Кривичниот закон во Северна Македонија и да се препознаат оние аспекти и делови каде одредбите може и ќе овозможат посилна заштита за новинарството и новинар(к)ите. Посебно внимание треба да се посвети на жените новинарки кои во последно време се почеста мета и во живо и онлајн, спомнувајќи го случајот со новинарката Дафне Каруана Галиција, која беше брутално убиена работејќи ја својата работа и поради неспособност на властите да ја заштитат неа и нејзината работа.

Претседателот на Здружението на новинари, г-дин Младен Чадиковски, во неговото обраќање се осврна на огромните напори кои ги вложува здружението за да се осигура дека новинар(к)ите не се лесна мета и дека на неказнивоста за кривични дела против новинар(к)и ќе се стави крај. Тој исто така ја истакна важноста на безбедноста на новинар(к)ите на терен и судските постапки преку практичен пример со нерешени случаи за напади врз новинар(к)и. Моментално бројот на регистрирани напади врз новинар(к)и за оваа година изнесува 14, од кои само еден случај добил разрешница.

По кратиките презентации на соодветните експерт(к)и, вклучително и меѓународниот ескперт од Советот на Европа кој презентираше на тема меѓународни стандарди кои гарантираат безбедност на новинар(к)ите, следеше богата дискусија помеѓу релевантните чинители која понатаму отвара простор за дијалог во насока на поддршка на Северна Македонија во обезбедувањето вистински поволно правно опкружување за новинарството и новинар(к)ите.

Главните наоди и заклучоци од овој настан ќе бидат презентирани како натпис и објавени на интернет страната на Здружението на новинари на Македонија – znm.org.mk.

Овој тематски вебинар беше организиран во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа “Freedom of Expression and Freedom of the Media in North Macedonia (JUFREX)” во соработка со партнерската организација Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ).

Проектот ЈУФРЕКС е дел од „Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција II”, заединчка програма на ЕУ и Советот на Европа имплементирана од Советот на Европа, која има за цел да им помогне на корисниците од Западен Балкан и Турција при усогласување со стандардите на Советот на Европа и acquis communautaire На Европската Унија во процесот на нејзино проширување, онаму каде што е тоа применливо. 

СКОПЈЕ 24 НОЕМВРИ 2020
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page