Во Куманово првпат се основа Локално координативно тело за спроведување на Законот за бесплатна правна помош. Поддржано од ЕУ и од Советот на Европа преку проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“, во соработка со подрачното одделение на Министерството за правда во Куманово, ова локално координативно тело е неформален форум за споделување информации, комуникација и координација меѓу засегнатите страни за клучните прашања кои се однесуваат на спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош во локалната заедница. Тука спаѓаат: промовирање на законот, пристап до информации неопходни за обработка на барањата за бесплатна правна помош, упатување на лицата на кои им е потребна бесплатна правна помош, конкретни правни потреби кои ја засегаат локалната заедница, итн.
Состанокот, којшто се одржа денес во просториите на Советот на општината во Куманово, ги собра на едно место претставниците од подрачното одделение на Министерството за правда во Куманово, локални адвокати, претставници од граѓански здруженија, како и претставници од Основниот суд во Куманово, Центарот за социјални работи, Министерството за внатрешни работи и од Омбудсманот.
Новооснованото тело ќе функционира преку редовни состаноци, како и со директна комуникација, и-мејл групи и други форми на комуникација. Телото ќе биде составено од претставници од засегнатите страни коишто се директно вклучени во процесот како лица одговорни за администрирање на бесплатната правна помош или како даватели на бесплатна правна помош, како и други институции и организации коишто се во помала мера релевантни за спроведувањето на законот.
Европската унија и Советот на Европа поддржаа основање на локални координативни тела во повеќе градови во Северна Македонија, по примерот на телата во Битола и Штип. Овие напори ќе ги зголемат капацитетите на ова тело за да биде во целост само-одржливо во иднина, по завршувањето на заедничкиот проект на ЕУ/СЕ. И натаму ќе се охрабрува и поддржува воспоставување на локални координативни тела и во други општини во Северна Македонија.
Проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ е дел од програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III“, заедничка програма на Европската унија и Советот на Европа, имплементирана од Советот на Европа.