Back Онлајн курс за Заштита и безбедност на новинар(к)ите достапен на јазиците од Западен Балкан

Онлајн курс за Заштита и безбедност на новинар(к)ите достапен на јазиците од Западен Балкан

Онлајн курс за Заштита и безбедност на новинар(к)ите достапен на јазиците од Западен Балкан

 

Нов онлајн курс за Заштита и безбедност на новинар(к)ите е сега достапен на албански, босански, македонски, црногорски и српски јазик.

Курсот е изработен од Секторот за информатичко општество при Советот на Европа, во соработка со ХЕЛП програмата (Едукација за човекови права за правни професионалци/ки), а во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција II (2019-2022)“ и поконкретно проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Југоисточна Европа (ЈУФРЕКС 2)“.

Кон развојот на овој курс придонесоа и членови од Секретаријатот на Советот на Европа односно Платформата за заштита на новинарството и безбедност на новинар(к)ите, Канцеларијата на Комесарот за човекови права во Советот на Европа и Регистарот на Европскиот суд за човекови права.

Информации и цели на курсот

Слободата на изразување и слободниот тек на информации се столбови на јавната дебата и демократијата.

Сепак, слободата на изразување и безбедноста на новинар(к)ите и понатаму е еден од големите предизвици во Европа. Заканите по новинар(к)ите и другите медиумски чинители вклучуваат цензура, политички и економски притисок, заплашување, несигурност на работните места, насилна примена на законодавството во делот на клеветата вклучувајќи ги и физички напади. Ваквите дела (често) се сторуваат во контекст на неказнивост која не смее да се толерира, а која го “потпалува” повторувањето на овие дела и има ефект на заплашување (“chilling effect”) во делот на слободата на медиумите.

Врз основа на Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права, Земјите членки имаат и негативни и позитивни обврски за заштита на новинар(к)ите. Не само што треба да се воздржат од употреба на заплашувачки политички изјави или судски пракси против медиумските чинители, тие имаат и должност активно да им обезбедат целосна заштита согласно законите и во рамки на судскиот систем, сѐ со цел да се создаде средина која ги овозможува новинарските активности.

Овој бесплатен ХЕЛП онлајн курс има за цел да им помогне на правните професионалци/ки, но исто така и на новинар(к)ите и службените лица за спроведување на законот, при препознавање и постапување по заканите кон новинар(к)ите и другите медиумски чинители.

Структура на курсот

Целокупното времетраење на курсот е приближно 10 часа и се состои од 5 практични модули.

Модул 1: Клучни стандарди и принципи. Вовед во темата. Слобода на изразување. Новинар(к)и и други медиумски чинители.

Модул 2: Закани против новинарството. Закани против новинар(к)и. Влијание на заканите. Одговор на заканите.

Модул 3: Законски рамки, механизми и алатки. Правни рамки на Обединетите нации, Советот на Европа, ЕУ и ОБСЕ. Механизми и алатки за заштита на новинар(к)ите, вклучително и Платформата на Советот на Европа за заштита на новинарството и безбедноста на новинар(к)ите.

Модул 4: Физички и психолошки интегритет. Позитивни и негативни обврски на државата за заштита на новинар(к)ите и другите медиумски чинители; практични и процедурални аспекти на обврските на државата. Неказнивост за злосторства против новинар(к)и и ефекти од неказнивоста.

Модул 5: Новинарство во акција. Обезбедување вести: пристап до места и настани, пристап до информации од јавен карактер, заштита на извори и укажувачи итн.; Објавување: практични и процедурални законски ограничувања. Новинарството на судење. Спроведување на законот и новинар(к)ите.

На крајот од секој модул има квиз и резиме на модулот. По завршување, доколку корисникот/чката успешно го поминал/а курсот, се генерира електронска потврда за завршен курс.

 

Курсеви под водство на тутор/ка и за самоучење

Партнерите во проектот ЈУФРЕКС-2 под водство на тутор/ка ќе може да го имплементираат курсот за Заштита и безбедност на новинар(к)ите – кој содржи информации за меѓународните стандарди, но и за домашното законодавство во рамки на регионот на Западен Балкан и институционалните рамки и практики (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Во овие земји ќе биде овозможен/понуден курсот преку домашните институции за обучување правни професионалци/ки (Академии за судии, Адвокатски комори) и Универзитетите во текот на 2021/2022 година и ќе се користи како алатка која ќе ги надополни традиционалните образовни материјали кои се користат во правното образование, и по завршувањето на проектот.

Покрај курсевите под водство на тутор/ка, на ХЕЛП платформата се сега достапни и курсеви за самоучење на следните јазици:

 албански

 босански

 македонски

 црногорски

 српски

Повелете и погледнете го курсот за Заштита и безбедност на новинар(к)ите.
Уживајте во учењето!

---

* Ова назначување не е во спротивност со позициите за статусот и е во согласност со Резолуцијата 1244 на УНХЦР и мислењето на МСП за Косовската декларација за независност.

Западен Балкан 12 април 2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page