Back Вебинар за стандардите за борба против трговија со луѓе на Советот на Европа одржан за правни професионалци во Северна Македонија

Вебинар за стандардите за борба против трговија со луѓе на Советот на Европа одржан за правни професионалци во Северна Македонија

Вебинар за стандардите на Советот на Европа за спречување и борба против трговијата со луѓе и заштита на жртвите беше организиран во рамките на заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа за "Спречување и борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија" , во соработка со Академијата за судии и обвинители. На настанот учествуваа 100 учесници, меѓу кои судии, обвинители, адвокати и членови на Националната комисија за борба против трговија со луѓе.

Во своето обраќање, Петја Несторова, Извршен секретар на Групата експерти за акција против трговија со луѓе (ГРЕТА), истакна дека курсот HELP за борба против трговија со луѓе ги зајакнува капацитетите на правните професионалци да ги применуваат стандардите на Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе во нивната секојдневна работа. Несторова го образложи пристапот кон Конвенцијата фокусиран на жртвите и обврските да се идентификуваат жртвите, да им се помага во нивно закрепнување и да им се обезбеди пристап до ефективни правни лекови. Таа, исто така, ја истакна важноста на ефективниот начин на истрага, гонење и казнување на трговците со луѓе, како една од главните цели на Конвенцијата. Петја Несторова ги информираше присутните за двата извештаи за евалуација издадени од ГРЕТА во однос на спроведувањето на Конвенцијата од страна на Северна Македонија, како и за претстојната трета евалуација, која ќе биде фокусирана на пристапот до правда за жртвите и ефективните правни лекови.

Ивана Јелиќ, судија на Европскиот суд за човекови права, ги објасни концептите во согласност со член 4 од Европската конвенција за човекови права , и укажа на материјалните и процедуралните обврски на државита во рамките на овој член. Нејзината презентација се фокусираше на случајот од 2011 година на Rantsev против Кипар и Русија и случајот од 2020 пред Големиот судски совет, СМ против Хрватска. Во првиот случај, Судот утврди дека властите не презеле мерки за заштита на жалителот во околности што довеле до „веродостојно сомневање“ за трговија или експлоатација. Во вториот случај, беше утврдено дека Хрватска го крши членот 4 од Конвенцијата заради неуспехот на властите да спроведат ефективна истрага.

Обвинителката Маја Конеска, тутор во рамки на програмата HELP во Северна Македонија, зборуваше од сопственото искуство за гонење на случаи на трговија со луѓе. Таа ги истакна тешкотиите при идентификување на жртвите на трговија со луѓе во мешани миграциски текови кои транзитираат низ Северна Македонија, каде жртвите се чувствуваат страв и се заплашени, и не се сметаат себеси за жртва. Културните и јазичните бариери исто така придонесуваат за недостиг во формалното идентификување на жртвите на трговија со луѓе меѓу мигрантите.

Павлина Зефиќ која правно ја застапуваше првата дете-жртва на трговија со луѓе на која и беше исплатен надомест на штета во државата, го истакна значењето на навремената конфискација на имотот на сторителот за извршување на надоместокот определен од судот. Улогата на адвокатот е да ги обезбеди доказите потребни за надомест на штета, во соработка со полицијата и центарот за социјална работа и активно да бара од кривичниот суд да се справи со барањата за компензација во кривичната постапка, наместо нивно упатување во граѓанскиот суд.

Настанот беше организиран во рамките на HELP онлајн курсот за борба против трговијата со луѓе и проектот за "Спречување и сузбивање на трговија со луѓе во Северна Македонија“ кој е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа “Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II”.

 

 

Скопје 12 Април 2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page