Back Улогата на правните клиники коишто даваат бесплатна примарна правна помош на жртви на родово-базирано насилство се дискутираше на состанокот на Националното координативно тело

20 март 2024 година Скопје
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page
  • Imprimer en PDF
Улогата на правните клиники коишто даваат бесплатна примарна правна помош на жртви на родово-базирано насилство се дискутираше на состанокот на Националното координативно тело

Состанокот на 14 Национално координативно тело за примена на Законот за бесплатна правна помош во Северна Македонија, се одржа во Скопје на 20 март, со цел да се дискутира за напредокот и за важните предизвици во однос на функционирањето на системот за бесплатна правна помош во Северна Македонија.

На овој настан, организиран во рамките на континуираната поддршка којашто ја даваат Европската унија и Советот на Европа за подобрување на услугите за бесплатна правна помош за граѓаните на Северна Македонија, а чијшто домаќин беше Адвокатската комора, се собраа околу 40 учесници. Учесниците беа претставници од клучните институции (и членови на ова тело) во областа на бесплатната правна помош, вклучувајќи го Министерството за правда и неговите подрачни одделенија (ПО), Адвокатската комора, адвокати, граѓански здруженија (ГЗ) и правни клиники овластени за давање на бесплатна правна помош. На настанот присуствуваа и претставници на УНХЦР и на International Development Law Organisation (IDLO). Уште 25 учесници се поврзаа онлајн.

Основната улога на Националното координативно тело, како суштински механизам за соработка и за координација меѓу институциите, насочена на зајакнување на пристапот до правдата за граѓаните беше нагласена од страна на Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје и од Џон Имс, судија од Обединетото кралство и консултант на Совет на Европа. 

На состанокот, Министерството за правда ги претстави статистиките за бесплатна правна помош за 2023 година што предизвика дискусија за клучните предизвици.  Се појави загриженост за сериозниот недостаток на вработени во Одделението за БПП, коешто брои само двајца вработени коишто се справуваат со голем број на работни задачи,  што би можело да предизвика неефективно извршување на задачите. Неопходни се измени на Законот за бесплатна правна помош, особено имајќи го предвид неодамнешното стапување на сила на Законот за вештачење. Без усогласување со овој закон, предметите за БПП може да заглават, на тој начин спречувајќи го пристапот до правдата за граѓаните. Освен тоа, Министерството мора да ја исполни својата обврска за обезбедување директна финансиска поддршка на овластените граѓански здруженија и правни клиники за проекти чија цел е обезбедување на бесплатна правна помош.   Учесниците заклучија дека отстранувањето на овие проблеми и предизвици е од клучна важност за осигурување на правичен и пристапен систем за бесплатна помош за сите граѓани.

За време на состанокот, учесниците, исто така, се вклучија во дискусија за Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година,  којашто ги дефинира клучните мерки и активности насочени кон зајакнување на пристапот до правдата. Вреди да се напомене дека одржливоста на Националното координативно тело беше вградена во оваа неодамна усвоена Стратегија, заедно со измените на Законот за бесплатна правна помош.  Овие дискусии ја потенцираа важноста на долгорочното планирање и законските прилагодувања за зацврстување на правната рамка со цел подобро да се задоволат потребите на граѓаните.

Посебен панел се фокусираше на виталната улога на правните клиники во давањето на примарна правна помош на жртви на кривични дела и на родово-базирано насилство. Овој панел, организиран во соработка со IDLO, овозможи прониклива дискусија за ефикасноста на правните клиники во третирањето на овие суштински прашања.

Проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија” е дел од заедничката програма на Европска унија и Совет на Европа,  „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција‟, имплементирана од Совет на Европа. Проектот ќе продолжи да го поддржува Националното координативно тело за бесплатна правна помош  со цел да се постигне подобра координација и комуникација меѓу главните чинители во системот за бесплатна правна помош во иднина.