Back “Поддршка за новинарскиот интегритет и унапредување на слободата на изразување во Северна Македонија”: Новинар(к)и и медиумски актери од Северна Македонија дискутираат за клучните мерки и предизвици.

СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ
Скопје 17 April 2024 година –
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page
  • Imprimer en PDF
“Поддршка за новинарскиот интегритет и унапредување на слободата на изразување во Северна Македонија”: Новинар(к)и и медиумски актери од Северна Македонија дискутираат за клучните мерки и предизвици.

Последните измени на Кривичниот закон на Република Северна Македонија ја подобруваат заштитата на новинар(к)ите така што овозможуваат обвинителството да покрене кривична постапка во нивно име, намалувајќи го товарот на приватното гонење. Дополнително, бидејќи делата клевета и навреда во Северна Македонија се декриминализирани, бројот на приватни тужби против новинар(к)и е зголемен и претставува нова закана по истражувачкото новинарство. Овие тужби во јавноста се познати како Стратешки тужби против јавното учество (SLAPPs), и главно ги покренуваат политичар(к)и и јавни фигури, заканувајќи ѝ се на слободата на медиумите и на пристапот на граѓан(к)ите до клучни информации.

Денес во Скопје се одржа тематска дискусија со клучни чинител(к)и од медиумската индустрија, претставници/чки од релевантни јавни институции, граѓански организации, и меѓународни партнери во рамки на заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа, “Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција“. На тематската дискусија беа разгледани најновите случувања кои се однесуваат на заштитата и безбедноста на новинар(к)ите и идните активности, со посебен фокус на SLAPPs.

Олег Солдатов, Раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје им посака добредојде на учесниците/чките и ја нагласи важноста на унапредувањето на новинарскиот интегритет и слободата на изразување како клучни вредности во сеопфатно и демократско општество. „Слободата на изразување и заштитата на новинар(к)ите се носечки столбови на секое демократско општество. Преку поддржување на овие принципи се креира енергичен и разновиден медиумски сектор, што е клучно за информиран јавен дискурс. Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје е посветена на зачувување на слободата на изразување и безбедноста на новинар(к)ите преку проектот во рамките на HFIII „Заштита на слободата на изразување и на слободата на медиумите во Северна Македонија“ ПРО-ФРЕКС. Заедно работиме на заштита на правата на новинар(к)ите со што тие ќе можат да продолжат да ја вршат нивната суштинска улога за демократијата.“, истакна Солдатов.

Алина Татаренко, Раководителка на Одделот за соработа и градење капацитети на тема слобода на изразување, во нејзиното обраќање потсети дека слободни, независни, плуралистички и разновидни медиуми се основа за една демократија. Новинар(к)ите и медиумските професионалци/ки мора да уживаат целосна правна заштита, согласно наведеното во Принципите на демократијата усвоени во Рејкјавик и членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Преку денешната дискусија, сакаме да ја подигнеме свеста за предизвиците со кои се соочуваат новинар(к)ите и да за залагаме за имплементација на европските стандарди на национално ниво. Кампањата „Новинар(к)ите се важни“ (“Journalists Matter”) и последната усвоена Препорака од Комитетот на министри за SLAPPs, ја потенцираат посветеноста на Советот на Европа на слободата на медиумите.

Во своето обраќање, Драган Секуловски, Извршен директор на Здружението на новинари на Македонија посочи дека „Правните битки со кои се соочуваат новинар(к)ите во Северна Македонија се во пораст. Истите не се однесуваат на барањето на правдата туку се користат како алатки за заплашување и ментално и финансиско истоштување на новинар(к)ите. Ваквите тужби, познати како SLAPPs сериозно нè загрижуваат. Наша цел е зајакнување на побезбедно опкружување за новинарството, каде говорењето на вистината пред моќниците не значи казна туку заштита, со што ќе се осугураме дека стравот од правни последици не води до самоцензурирање.“

Настанот продолжи со отворени дискусии помеѓу клучните чинител(к)и, медиумски експерт(к)и и медиумски професионалци/ки кои разговараа за зголемената употреба на SLAPPs во Северна Македонија, конкретно, но и генерално во Европа, како и за важноста од Европската правна рамка за борба против SLAPPs, која поставува нови правила за заштита на оние кои се на мета и обезбедува заштита од злонамерни тужби против јавното учество ширум ЕУ.

Последните измени на Кривичниот законик на Република Северна Македонија се сметаат за позитивен чекор напред кон подобра заштита на новинар(к)ите, така  што обвинителството добива право да покрене кривична постапка во нивно име, со што ќе ги ослободи од товарот за поведување приватна кривична постапка. Но и понатаму постојат предизвици, посебно со порастот на SLAPP тужбите во граѓанските постапки. Истите вообичаено ги покренуваат политичар(к)ите, бизнис магнатите, и јавните личности, и служат за задушување на новинарството преку финансиски и правни притисоци. SLAPP тужбите не само што ја девалвираат новинарската работа, туку и претставуваат ризик од цензурирање клучни јавни информации, со што се повредува правото на граѓан(к)ите да бидат информирани.

Имплементацијата на европските препораки и стандари на локално ниво беше исто така тема на дискусија, па учесниците/чките се фокусираа на иницијативата да се воведе Национален акциски план за заштита и безбедност на новинар(к)ите, истовремено истакнувајќи ја важноста од зајакнато партнерство со граѓанското општество со цел унапредување на слободата на изразување и слободата на медиумите.

На тематската дискусија се потенцираше и Кампањата на Советот на Европа за безбедност на новинар(к)ите, иницијатива која има за цел да ја промовира слободата на медиумите и заштитата на новинар(к)ите од насилство, закани и вознемирување при извршување на нивните обврски.

Настанот беше организиран во рамките на проектот „Заштита на слободата на изразување и на слободата на медиумите во Северна Македонија“ ПРО-ФРЕКС, дел од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција“, а во соработка со Здружението на новинарите на Македонија.