Back Жртва на трговија со луѓе доби надомест на штета во Северна Македонија

Shutterstock

Shutterstock

За прв пат во Северна Македонија, дете жртва на трговија со луѓе заради присилен брак доби финансиски надомест од трговец со луѓе како резултат на налог за надомест на штета издаден од страна на Основниот кривичен суд во Скопје во април 2020 година.

Судот му наложи на трговецот со луѓе да ѝ исплати на жртвата надомест во износ од приближно 4,800 евра, кои и беа исплатени на жртвата од конфискуваните средства на сторителот. Иако бројот на осудени лица за случаи на трговија со луѓе се зголеми во последниве години, успешното извршување на судска одлука во однос на надомест на штета на жртвите се уште е предизвик во Северна Македонија. Како главни пречки за наплатата на надоместокот се потешкотиите во обработката или продажбата на запленети или конфискувани криминални средства, должината, трошоците и комплексноста на постапката за надомест на штета од која многу често жртвите се откажуваат пред да се заврши.

Зајакнување на пристапот до правдата и правни лекови за жртвите на трговија со луѓе е една од главните цели на Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе и правото на надомест е важен аспект на проектите за соработка на Советот на Европа. Од 2017 година, заедничкиот проект на Европската Унија/Советот на Европа за "Спречување и борба против трговија со луѓе во Северна Македонија" блиску соработува со локалните власти и граѓанското општество за надоместот на штета да стане достапен за жртвите на трговија со луѓе.

Проектот обезбедува континуирана поддршка на властите во градењето на капацитетите и обучувањето на професионалци за кривична правда – меѓу кои истражители, судии, обвинители и адвокати. Оваа поддршка помага да се подобрат финансиските истраги, осигурува систематска конфискација на криминалните средства и овозможува високо-квалитетна правна помош на жртвите на трговија со луѓе. Покрај тоа, експерти на Советот на Европа обезбедија поддршка во изготвувањето на законот за паричен надомест од страна на државата за жртвите на насилни кривични дела, вклучително и жртвите на трговија со луѓе. Во тек се напори да се развие државен фонд за надомест на штета кој ќе им гарантира обесштетување на жртвите за страдањето што го претрпеле во случај да не може да се издејствува обесштетување од страна на сторителите.

Проектот за "Спречување и борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија" е дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа "Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022", чија цел е да им помогне на властите во Југоисточна Европа да ги почитуваат стандардите на Советот на Европа и законодавството на Европската унија во рамките на процесот на проширување.

Скопје 5 ноември 2020
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page