Работна група составена од искусен персонал на Управата за извршување на санкции (УИС), како и претставници на неколку затвори, се состанаа во Центарот за обука на УИС во Скопје, каде дискутираа за првата нацрт верзија на Стратегијата за обука на затворскиот персонал, како и сродните наставни програми. Тимот вработени ја подготвија првичната верзија на овие документи, поставувајќи ја основата за оваа сесија.
ЕУ и Советот на Европа го поддржуваат процесот на изготвување на Стратегија за обука, преку обезбедување експертиза и знаење на ова поле. Со помошта на еден меѓународен консултант, работната група ги унапреди тековните верзии на Стратегијата за обука, наставните програми, модулите, како и годишниот план за обуки. Овие документи ја поставуваат основата за редовна почетна и континуирана обука, со цел воведување на структурирани обуки во пенитенцијарниот систем, како и зголемување на општиот квалитет во работата на затворскиот персонал. Дополнително, се разговараше и за специфичните потреби кои би го олесниле спроведувањето на овие документи, како што е базата на податоци на експерти, трансферот на знаење, оценувањето на потребите за обука, итн.
Воведувањето на редовна и постојана едукација на пенитенцијарниот персонал е една од целите предвидени со Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем на Република Северна Македонија (2021-25), која беше изготвена со поддршка од Хоризонталниот инструмент.
Оваа сесија беше организирана во рамките на заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција – Фаза III, односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”.