Back Втор состанок на Управниот одбор на проектот “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија”

фотографија: Shutterstock

фотографија: Shutterstock

Вториот состанок на управниот одбор на проектот “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија” се одржа на 10 јули 2020 година како онлајн состанок.

На состанокот се собраа претставници од Министерството за правда, Адвокатската комора, Македонското здружение на млади правници, Секретаријатот за европски прашања, Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија и тимот на проектот. Управниот одбор ги претстави клучните активности кои беа спроведени со цел да се зајакне пристапот и свеста за бесплатната правна помош во Северна Македонија, како и активностите што се планираат за следните шест месеци.

Покрај претставувањето на резултатите постигнати во првата половина од 2020 година, проектниот тим ги објасни и непосредните мерки што беа преземени за справување со предизвиците наметнати од епидемијата со КОВИД-19. Учесниците беа информирани дека се спроведоа сите активности предвидени со планот за ублажување на ситуацијата со пандемијата, благодарение на посветеноста и на заложбите на тимот и на корисниците.

Беше нагласено дека проектот има постигнато значителен напредок во зајакнувањето на координацијата и на комуникацијата помеѓу клучните засегнати страни на национално и на локално ниво, поддржувајќи го основањето и организирањето на состаноците на Националното координативно тело за спроведување на Законот за бесплатна правна помош (БПП) како и воспоставувањето на Локално координативно тело (Битола). Ова постигнување ќе го зголеми квалитетот и ефикасноста на давањето БПП за граѓаните на Северна Македонија.

Членовите на Управниот одбор се договорија за предложените активности за следните шест месеци. Проектот ќе продолжи да се фокусира на зајакнувањето на капацитетите и на квалитетот на услугите на подрачните одделенија на Министерството за правда, на Адвокатската комора, на граѓанските организации и на правните клиники овластени да даваат БПП. Исто така, ќе се фокусира и на давање експертска поддршка на Министерството за правда за усогласување на одредбите, политиките и практиките поврзани со бесплатна правна помош и ќе продолжи да го поддржува Министерството во зајакнувањето на пристапот до правото на БПП преку спроведување на кампања за подигање на свеста меѓу граѓаните, со цел да се зголеми пристапот до бесплатна правна помош.

Проектот “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија” е дел од програмата ‚‚Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција IIʻʻ , заеднички проект на Европската унија/Совет на Европа којшто го спроведува Советот на Европа и им овозможува на корисниците да ги постигнат реформските планови на полето на човековите права, владеењето на правото и на демократијата и да ги постигнат европските стандарди и, каде што е соодветно, во рамките на процесот на проширување на ЕУ.

Скопје 16 јули 2020 година
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page