Back Караванот „Остави трага“ отпатува во Кавадарци за да ги поттикне младите да се борат за еднакво општество

Кавадарци 23 август
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page
  • Imprimer en PDF
Караванот „Остави трага“ отпатува во Кавадарци за да ги поттикне младите да се борат за еднакво општество

Главниот плоштад во Кавадарци беше главната сцена на која се одржа петтиот од серијата настани „Дојди и раскажи ја својата приказна - Oстави трага“ за да се подигне свеста за еднакво и разновидно општество. Претставници на централната и локалната власт, се сретнаа со младите, но и со локалните жители за да ги поканат да бидат поактивни и повклучени преку сопствени иницијативи во обликувањето и менувањето на општеството ослободено од дискриминација. Активноста комбинираше успешни и мотивациони лични приказни од гостите говорници, како и театарски претстави, музика и уметност беа само дел од изведбите преку кои караванот допре до младите и до бројните посетители во Кавадарци.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска посочи дека е среќна што е дел од овој караван кој очекува сега и особено во иднина да остави позитивна трага кај младите и жените.

„За да креираме, за да сонуваме, за да обликуваме и за да имаме иднина треба да сакаме, да бидеме среќни и да делуваме со многу љубов. Меѓутоа, зависи и тоа кој како ја гледа среќата, а за мене среќа е да одиш на работа која ја обожаваш. Среќна сум да испијам кафе со моите пријателки од детството, среќна сум кога цела фамилија сме на празничен ручек, среќна сум што денес сум во Кавадарци...“, рече Тренчевска.

Пораката што сакам да ја упатам денеска е дека треба да бидеме борци, да не се откажуваме, да не потклекнуваме ни на притисоци, ни на закани и какви било надворешни влијанија, доколку сметаме дека тоа што го работиме е искрено, чесно, во функција на сите и за подобро на општеството во коешто живееме, истакна вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска.

Амбасадорката на Германија, Н.Е. Петра Дрекслер пред присутните сподели дел од својата мотивациска приказна насочена кон младите луѓе.

„Кога бев мала, еден ски-скокач од моето родно село освои олимписко злато. Сите ние бевме неверојатно горди, секој сакаше да стане ски-скијач. Немаше втор олимписки победник од моето село. Но, спортскиот успех е дел од идентитетот на сите нас од селото. Не станува збор за тоа, секогаш да се остварат сите свои цели. Важно е тие да постојат и човек да се сеќава на своето потекло“, рече амбасадорката Дрекслер за време на настанот кој се одржа на плоштадот во Кавадарци.

Градоначалникот на Општина Кавадарци, д-р Митко Јанчев, ја сподели својата успешна приказна и испрати порака до младите луѓе:

„Мора да сме убедени дека тоа што го посакуваме ни е блиску на дофат. Само така и побргу ќе стигнеме до него. Бидете упорни, бидете вредни и искрени, на тој начин преку многу труд и љубов ќе почнете да ги живеете своите соништа. Многу работи ќе тргнат кон подобро, не се откажувајте“, рече Јанчев во рамки на „Остави трага“ во Кавадарци“.

Во своето обраќање, Марија Андреева, проектна раководителка од Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје истакна дека оваа заедничка програма на Европската Унија и Советот на Европа ќе продолжи со поддршката на вакви активности кои имаат за цел зајакнување и поддршка за еднаквост и различност, зајакнување на заедничката борба против дискриминацијата и говорот на омраза, како и дека меѓусебното почитување и еднаквост се најдобрата трага која можеме да ја оставиме во општеството.

За време на панел дискусијата се обратија и Др Весна Чемерска Попова, стоматолог и косопственичка на винарница, Сашка Кузманова, хуманитарец и сопственичка на компанија, Александра Цветковска, програмска директорка во НДИ и Мајкл Георгиевски, ученик. Настанот официјално го отвори групата „Шербет“, а беше изведена мини пиесата „Среќа“ на Интимен театар Битола, дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн изготвија уметнички дела на платно, додека младата уметничка Мартина Наумовска гравираше на стакло и стаклени чаши. Целта на ваквите настани е да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, како и да ја подигнат свеста за еднаквоста во општеството.

Серијата јавни настани „Остави трага – Дојди и раскажи ја твојата приказна“ се спроведува во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот „Борба против омразата и нетолеранцијата во Северна Македонија“ од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.