Back Караванот „Остави трага“ во Охрид ги повикa младите да бидат активни чинители за борба против дискриминацијата и говорот на омраза во општеството

ОХРИД, СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 19 АВГУСТ 2023
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page
  • Imprimer en PDF
Караванот „Остави трага“ во Охрид ги повикa младите да бидат активни чинители за борба против дискриминацијата и говорот на омраза во општеството

Патувачкиот караван „Дојди и раскажи ја својата приказна - Остави трага“ викендов го посети Охрид, за да разговара со младите за борбата против дискриминацијата и потребата од градење општество со еднакви можности. Јавни функционери, активисти, млади, локални жители и туристи се собраа во паркот кај Центарот за култура „Григор Прличев“ да зборуваат за различностите и да ги споделат своите мотивациони лични приказни додека гледаа и слушаа уметнички и музички изведби.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска посочи дека сеуште дел од македонското општество се видливи огромен број на лични навреди и дискриминација насочени особено кон жените, но и кон младите девојки. Наместо ова, истакна Тренчевска, посакувам борба на концепти, размена на различни идеи и дебата на аргументи каде секоја личност ќе биде еднаква, слушната и вреднувана.

„Често кога гледаме или слушаме лични успешни приказни ни се чини дека успехот кај тие луѓе бил подарен или како да дошол преку ноќ. Но, реалноста е дека за постигнување и на најмалиот успех треба да се вложуваме себе си, секојдневно да се откажуваме од многу работи и секогаш кога сме на одредена позиција каде некому можеме да помогнеме, потребно е тоа да го направиме“, рече Тренчевска.

Не смееме да дозволиме младите да страдаат и да бидат оставени сами на себе, нагласи сопругата на Претседателот Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска. Tаа потенцираше три важни пораки за младите луѓе:

„Фокусирајте се на вашите интереси и исполнете го вашиот сон, заложете за она што ви значи, не потклекнувајте пред предизвиците. Посветете се на образованието, учете, истражувајте и не дозволувајте некој да ве обесхрабри и да направи да се чувствувате помалку вредни. Младоста носи сила, храброст, визија и енергија. Создавајте и одржувајте пријателства, бидете амбициозни и гласни и барајте подобра иднина, но, и придонесете за подобра иднина и за вас и за генерациите што ќе дојдат после вас. Само на таков начин ќе оставите трага“, рече Ѓоргиевска за време на настанот кој се одржа во паркот кај Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

За да успеете дозволете добрите луѓе да остават трага во вашиот живот, истакна министерката за одбрана, Петровска и никогаш не заборавајте посебно место да и оставите на љубовта, зашто кога претставата ќе заврши, светлата ќе се изгаснат љубовта ќе продолжи да го осветлува нашиот пат.

„За свој успех сметам дека е постигнувањето на личната среќа. Тоа не е позицијата, не е богатството во материјална смисла, туку среќа се луѓето што ги среќавам, оние кои во многу значајни моменти во животот биле до мене, сега се со мене, па и ќе бидат до мене и кога сѐ ќе заврши. Оттаму, мојот стремеж не е да бидам повисоко во хиерархијата, туку да бидам повеќе среќна“, посочи Петровска за време на дебатата насловена „Еднаква, своја, успешна!“

Во своето обраќање, Марија Андреева, проектна раководителка од Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје истакна дека Европската Унија и Советот на Европа ќе продолжат со поддршката во борбата за зајакнување на заедничката борба против дискриминацијата и говорот на омраза и создавањето еднакво општество, особено за ранливите групи. „Меѓусебното почитување и еднаквоста се најдобрата трага која можеме да ја оставиме во општеството“ – рече Андреева.

За време на панел дискусијата се обратија и Аида Авехабовиќ, граѓанска активистка, Босна и Херцеговина, Алма Мујановиќ, претседателка на Здружение за промоција на знаковен јазик „Знак за збор“, БиХ, Марина Вујачиќ, извршна директорка на здружение „УМХ“ Црна Гора, Бисера Чадловска, диригентка, Ламбро Патче, менаџер, Наташа Поповиќ, директорка на „Охридско лето“, Владанка Трајкоска, претседателка на ОРМ и Александар Стевоски од Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид. Настанот го модерираше Огнен Јанески, а официјално го отвори групата „Шербет“. За време на настанот беше изведена мини пиесата „Среќа“ на Интимен театар Битола, дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн изготвија уметнички дела на платно, додека младата уметничка Мартина Наумовска гравираше на стакло и стаклени чаши. Целта на ваквите настани е да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, како и да ја подигнат свеста за еднаквоста во општеството.

Серијата јавни настани „Остави трага – Дојди и раскажи ја твојата приказна“ се спроведува во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.