Back „Анализа на податоци за говор на омраза и злосторства од омраза“ беше промовирана во Скопје

„Анализа на податоци за говор на омраза и злосторства од омраза“ беше промовирана во Скопје

Клучни партнери, корисници, институции и граѓански организации присуствуваа на јавната презентација на „Анализа на податоци за говорот на омраза и злосторства од омраза“ која беше подготвена во рамки на проектот „Промоција на разноликоста и еднаквоста во Северна Македонија“, во рамките на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022“.

Настанот го отвори Лејла Дервишагиќ, оперативна раководителка на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

Советот на Европа и ЕУ ги поддржуваат сите Корисници во Западен Балкан да се справат со говорот на омраза на многу различни начини: преку кампањи за подигање на свеста како што е кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов“, преку градење капацитети на институциите и корисниците и соработка со граѓанските организации, како и преку анализи и споделување на знаењето и стандардите на Советот на Европа“, рече Дервишагиќ.

Анџела Лонго од Одделот за антидискриминација на Советот на Европа ги презентираше клучните достигнувања и резултати од работата на проектот за промоција на разноликоста и еднаквоста како на локално така и на регионално ниво, вклучувајќи го HELP курсот за антидискриминација, средбата помеѓу телата за еднаквост од Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, подготовката на прирачникот за антидискриминација и кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов“.

Џоана Пери и Бојана Неткова, двете експертки кои ја подготвија Анализата, ги презентираа клучните точки и заклучоци од документот, како и клучните препораки што произлегоа од анализата. Препораките се темелни и се однесуваат на различни аспекти на борбата против говорот на омраза, вклучително и амандмани во законодавството, зголемување на активностите за градење капацитети на институциите (особено полицијата, јавното обвинителство и судството) и зајакнување на соработката со граѓанското општество.

Вториот панел беше фокусиран на улогата на институциите во борбата против говорот на омраза, каде учесниците имаа можност да ги слушнат Гаврил Бубевски, шефот на Основното јавно обвинителство - Скопје и Борис Палчески од Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, кои дадоа краток осврт на напорите што Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи ги направиле низ годините во однос на собирањето податоци и справувањето со говорот на омраза и злосторствата од омраза, како и за различните предизвици со кои се соочувале.

Учесниците ја слушнаа и перспективата на дел од граѓанските организации кои работат на говор на омраза и злосторства од омраза. Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Давид Тасевски од Субверзивен фронт го презентираа своето искуство со следењето на случаите на говор на омраза и злосторства од омраза и нивните напори при пријавувањето, како и предизвиците при процесирањето на овие случаи.

Излагањата беа проследени со многу динамична и конструктивна дискусија, каде претставници од различни институции и организации разговараа за различните пристапи кои би можеле да се преземат во борбата против говорот на омраза и злосторства од омраза и беше утврдено дека соработката е од клучно значење кога се работи на ваква важна и обемна област.

Проектот „Промоција на различноста и еднаквоста во Северна Македонија“ е дел од програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022“, која е заедничка иницијатива за соработка на Европската Унија и Советот на Европа, спроведена од Совет на Европа, која има за цел да ги поддржи партнерите во Западен Балкан и Турција при процесот на прилагодување на стандардите на Совет на Европа и правната регулатива на Европската Унија во рамките на процесот на проширување, онаму каде што е релевантно.

СКОПЈЕ 14 септември 2022
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page