Back

Презентација на новиот HELP курс за анти-дискриминација на македонски јазик

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 23 ФЕВРУАРИ 2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page
  • Imprimer en PDF
Презентација на новиот HELP курс за анти-дискриминација на македонски јазик

Адвокати, правници и граѓани заинтересирани за заштита на човекови права и борбата против дискриминација присуствуваа на онлајн презентацијата на новиот HELP курс за анти-дискриминација во Северна Македонија. Овој онлајн курс, кој е заедничка иницијатива на проектот „Промоција на различноста и еднаквоста во Северна Македонија“ и Европската програма за образование за човекови права за правни професионалци (HELP) во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа, „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019 -2022“, има за цел да овозможи детален, но лесно достапен образовен ресурс за да се зголемат знаењата и вештините кај правните и други професионалци, во поглед на меѓународните и европските стандарди во полето на недискриминацијата.

За време на онлајн презентацијата, учесниците беа поздравени од г-ѓа Лејла Дервишагиќ, Оперативната директорка на Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје: „Гледаме зголемен интерес за повеќе активности за борба против дискриминација, како и потребата да се зацврстат напорите и сорабтката со сите релевантни чинители со цел да се продолжи со реформите во областа на анти-дискриминацијата, во линија со меѓународните и европски стандарди.“

Г-ѓата Сања Фрковиќ – Гелевска, програмска менаџерка од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, се фокусираше на европската правна рамка за недискриминација, која е во сржта на заштитата на човековите права. Солидната легална основа е само почеток, па Европската Комисијата си зададе уште три цели за да ја осигура промоцијата и заштитата од дискриминација: 1) униформно спроведување на законите во Унијата; 2) поддршка на ефективни политики во борбата со дискриминацијата и 3) активности за промена на ставовите и однесувањето.

Г-дин Љубомир Михајловски, претседателот на Адвокатската комора на Северна Македонија зборуваше за силната соработка со Советот на Европа и HELP програмата, додавајќи дека овие курсеви создаваат нов европски дух, се шират нови знаења и информации, кои би можеле да бидат пренесени на новите генерации кои би можеле да донесат промени во целокупниот живот и во општеството.

Претставници од нашите главни партнери во оваа активност, Министерството за правда, Министерството за надворешни работи и Министерството за труд и социјална политика, исто така го поддржаа настанот и ја потврдија својата посветеност во борбата против дискриминација и во продолжување на реформите во ова поле.

На настанот му се придружи и судијата Јован Илиевски од Европскиот суд за човекови права, кој ги запозна учесниците со работата на Европскиот суд за човекови права во областа на борба против дискриминација. „Член 14 забранува дискриминација заснована на раса, боја на кожа, јазик, национално или општествено потекло, поврзаност со национално малцинство, сопственост или раѓање“, рече судијата Илиевски, потенцирајќи дека ЕСЧП исто така зема предвид дали истите принципи биле применети во различни ситуации или различни принципи биле применети во исти ситуации и ги истражува причините за овие одлуки.

Во нејзиното излагање, г-ѓа Елена Михајлова Стратилати, член на ECRI во однос на Северна Македонија, се фокусираше на мониторингот на ECRI и клучните препораки за Северна Македонија, дополнувајќи дека националната легислатива за спречување и заштита од дискриминација е неопходна за ефективна борба против дискриминација.

Со поддршка на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа, Horizontal Facility II, HELP курсот за анти-дискриминација сега е достапен и на македонски јазик како дел онлајн платформата за учење на HELP. Онлајн платформата за учење на HELP содржи повеќе од 36 онлајн курсеви во полето на човековите права.

HELP курсот за анти-дискриминација е бесплатен и достапен за сите, а учесниците кои успешно ќе го завршат курсот ќе добијат HELP сертификати издадени од Совет на Европа.

 


Што е Horizontal Facility?

Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција (Horizontal Facility II) 2019-2022 е иницијатива за соработка на Европската унија и Советот на Европа за регионот на Западен Балкан и Турција. Ова е еден од резултатите од изјавата за намери потпишана на 1 април 2014 година од страна на генералниот секретар на Советот на Европа и комесарот за проширување и евро соседска политика на Европската унија, во кој двете организации се согласија да ја зајакнат својата соработка во клучни области од заеднички интерес.

Во првата фаза од програмата беа вклучени разни кориснички специфични и регионални иницијативи и истата траеше од 2016 до 2019 година. Втората фаза од програмата (вредна 41 милион евра помеѓу 2019 и 2022) продолжува да ги гради резултатите од првата фаза и ги проширува тематските области на нови теми клучни за регионот - слобода на изразување и медиуми.

Втората фаза од програмата ќе покрие активности во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово *, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, како и Турција и регионалната димензија на програмата ќе биде зајакната. Механизмот за координација на експертизата кој обезбедува законодавна експертиза и совети за политики во рамките на системот на Советот на Европа ќе остане важен дел од програмата достапна за сите корисници.

 

Колку ќе трае Horizontal Facility II?

Horizontal Facility е тригодишна програма, која ја спроведува Советот на Европа од мај 2019 во период од 36 месеци.

 

Колку чини Horizontal Facility II?

Фондот за програмата изнесува околу 41 милиони евра (85% финансирани од Европската унија, 15% од Советот на Европа).

 

Што ќе направи Horizontal Facility II?​​​​​​​

Horizontal Facility им овозможува на корисниците да ги исполнат своите реформски агенди во областа на човековите права, владеењето на правото и демократијата и да ги почитуваат европските стандарди, вклучително и онаму каде е релевантно во рамките на процесот на проширување на ЕУ. Horizontal Facility се потпира на единствените методи на работа на Советот на Европа, при што активностите за техничка соработка по мерка се засноваат на заклучоците и препораките на телата за следење на Советот на Европа, ги истакнуваат областите каде што се потребни подобрувања во законодавството и политиките на корисниците за усогласување со договори на oрганизацијата и други стандарди.

Темите опфатени со Horizontal Facility вклучуваат:

  • Обезбедување правда;
  • Борба против економскиот криминал;
  • Борба против дискриминацијата и заштита на правата на ранливите групи (вклучително и ЛГБТИ, малцинствата и Ромите) и
  • Слобода на изразување и слобода на медиумите.

Сите теми се клучни приоритети на двете организации во регионот на Западен Балкан и во Турција.

Сите активности на Horizontal Facility ќе ги опфатат меѓусекторските прашања како што се вклучување на родовите аспекти во главните политики, заштитата на малцинствата и ранливите групи и на ангажирање на организации на граѓанското општество во спроведувањето на програмата.

Оваа веб страна е изработена со користење на средства од заедничкиот проект помеѓу Европската унија и Советот на Европа. Ставовите изразени овде во никој случај не можат да се преземат за да го рефлектираат официјалното мислење на Европската унија и Советот на Европа.

* Ова назначување не е во спротивност со позициите за статусот и е во согласност со Резолуцијата 1244 на ОБСЕ и мислењето на МСП за Косовската декларација за независност.

Web Content Display Web Content Display