Back Важноста и значењето на ромската историја во инклузивното образование во анставата за ромските деца

Dr.sc. Ljatif Demir, Filozofski fakultet Zagreb, Magisterski studij Romistika
Важноста и значењето на ромската историја во инклузивното образование во анставата за ромските деца

Образованието на децата Роми низ историјата секогаш се одвивало на јазикот на мнозинското население. Децата Роми од почетокот на нивното образование не се препознаваат по својот јазик кој има свои културни вредности. Со тоа Ромите го губат симболот за нивниот колективен идентитет, знак дека припаѓаат на одредена заедница независно дали тој јазик има пишан облик или пак нема.

Усменото творештво и наследство се многу важни за опстанокот на ромскиот народ и неговата традиција. Ромскиот јазик е многу важен за учениците Роми и во сфаќањето на јазичната раноликост и интеркултуралната комуникација. Унапредувањето на мајчиниот јазик за нив значи и подобар почеток во прифаќањето на двојазичноста и повеќејазичноста. Двојазичноста и повеќејазичноста на ромските деца се услов за нивно поврзување со мнозинското население, разбирање на останатите народи и тие за нив се охрабрување за инклузија во образованието.

На самиот почеток од вклучувањето во образованието, учениците Роми се соочуваат со јазичната бариера, т.е. многу слабото познавање на јазикот и културата на мнозинското население, но и со проблемот на сегрегација на ромските ученици во училиштата. Таа  сегрегација се појавува во три форми: сегрегација меѓу училиштата (која се должи на локацијата на училиштето каде што мнозинството жители се Роми); сегрегација во самите училишта (формирање одделенија од ромски ученици, или тие се застапени во поголем број); и сегрегација во специјалните училишта/паралелки за деца со интелектуални пречки во развојот.

Посебен предизвик е неразграничувањето помеѓу учениците Роми и учениците со посебни образовни потреби. Доцното запишување во училиште, недостигот на можности да се учи на мајчиниот јазик и неправилните механизми за проценување може да доведат до етикетирање на голем процент на ромски деца како деца со посебни потреби, и оттаму до несоодветни можности за образование, на пример: да посетуваат настава во специјални училишта. (Демир, Фатиме, 2020:17)

Недостатокот на инклузивно образование (особено во земјите на Југоисточна Европа) ја засилува социјалната стигма, предрасудите и нетолеранцијата кон децата Роми во образованието. Имплементацијата на воспитно-образовната инклузија во училиштата е релевантна тема за педагошкиот и општествениот контекст, затоа што инклузијата подразбира прифаќање на различноста меѓу учениците, на која треба да се гледа како поттик (извор на инспирација), а не како препрека во процесот на учењето и образованието (Karamatić Brčić, 2012). За да се имплементира и да биде успешна воспитно-образовната инклузија за ромските деца во редовниот училишен систем, потребни се промени во целокупната училишна пракса. Инклузијата е процес со кој се постигнува учество на сите ученици. Во тој процес се смалува исклученоста на ромските деца од школскиот курикулум и од културата на пошироката општествена заедница. (Booth 1999; според Karamatić Brčić, 2012). Во тој процес учениците, наставниците, стручните соработници и родителите треба да ги прифатат децата Роми во редовниот систем на образованието, а за тоа требаат да обезбедат човечки, материјални и организациски ресурси. Учениците од мнозинското население, како и самите Роми, немаат можност да се запознаат со културата, историјата, јазикот и традицијата на Ромите, а со тоа им се скратува и можноста за почитување на различностите и вредноста на личноста која е различна, а сето тоа резултира со создавање на предрасуди. На учениците Роми им се оневозможува остварување на нивниот полн потенцијал и на крај сето тоа го доведува во прашање нивното упешно реализирање на наставата и реализацијата на нивното право на образование. Од голема важност е и сфаќањето дека училиштето е институција во која се среќаваат сличностите и разликите и затоа треба правилно да се презентира светот кој не опкружува, а тоа е светот на различностите.

Целокупниот училишен систем (кога се ромските ученици во прашање) треба да сфати дека инклузивното образование вклучува: (1) образовна инклузија која се однесува на вклучување на децата и возрасните кои поради својата социјална, културна, воспитно-образовна, етничка и друга разлика се подложни на социјална исклученост, социјална маргинализација, а со тоа се обесправени и ранливи, и (2) образовна инклузија со која се нагласува дека секое дете се образува во склад со неговите индивидуални можности во училиште како воспитно-образовна институција.

Според  Sebba и Sachdev (1997; според NCSE, 2010) училиштата како воспитно-образовна институција треба да прифатат школски курикулум и образовна стратегија која е прилагодена на различните потреби на учениците. Stainback и Stainback (Stainback и Stainback, 1990; според Cerić, 2004) затоа велат дека инклузивното училиште е место каде што секој припаѓа, секој е прифатен и бива подржан од страна на своите врсници и другите членови на училишната заедница за да во целост се остварат неговите образовни потреби.

И покрај настојувањата школскиот курикулум да се прилагоди на индивидуалните потреби на учениците, сепак во воспитно-образовниот систем и понатаму за ромските деца преовладува курикулум кој на наставниците не им остава преголем простор за импровизација и задоволување на потребите на ромските ученици. Во него сéуште се наоѓа традиционалниот пристап во кој има однапред пропишана и програмирана настава која е направена за потребите на мнозинските народи.

За да се избегне таков крут и нефлексибилен школски курикулум и за да се оствари квалитетна воспитно-образовна пракса која ќе понуди запознавање и со културата, историјата и јазикот на Ромите, потребни се промени во нормите, вредностите, ставовите и меѓусебните односи, што на некој начин треба да изгради култура на училиштата која гради и се развива преку односите меѓу нејзините учесници, ги обединува сите кои ѝ припаѓаат, го обликува однесувањето и влијае на успехот на секој актер и влијае на промени со кои се одбегнуваат предрасудите и социјалната стигма. Главна цел на културата на училиштата е да изгради култура која го одредува идентитетот и на училиштето и идентитетот на ученикот. Создавањето на инклузивна култура се однесува и на инклузивна политика во училиштата со која се вклучуваат сите ученици и инклузивна пракса која го организира учењето и ги мобилизира ресурсите (материјални и човечки).  Со тоа се постигнува реализација на инклузивното образование кое е поврзано со учениците, наставниците, директорите, стручните соработници, родителите, локалните управи и образовните политики на одредена земја. Таквата реализација овозможува континуирана соработка меѓу сите чинители во образовниот процес и се губи стариот начин на хиерархиска поставеност на училиштата.

Пример на добра практика во инклузивното образование на децата Роми може да се постигне со внесување на историските настани, кои се важни за Ромите, во школскиот курикулум преку билингвални паралелни учебници (или преку брошури кои говорат за ромската историја, култура и јазик, направени на официјалните јазици на одредени земји и ромски јазик) и преку обуки на сите чинители на инклузивното образование за историјата, културата и јазикот на Ромите во самите училишта и на пошироко европско ниво. Добар почеток би бил и одбележувањето на ромските меѓународни денови кои се прославуваат низ целиот свет.

Пример за тема: Важноста на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите како дел од инклузивното образование

Историски концепт на процесот Rromanipe

Првиот ромски конгрес се одржал од 6 – 8 Април во Лондон. На конгресот учествувале 23 Роми од 8 земји. На тој конгрес е претставена проблематиката на Ромите од областа на ромскиот јазик, култура, образование, социјална тематика, воените злсторства направени над Ромите за време на Втората светска војна и пречките за напредок на локалните Роми во земјите претставници на Конгресот. Клучен дел од Конгресот било: усвојување на ромското знаме (две бои- зелена во долниот дел и сина во горниот дел, а во средината тркало со шеснаесет крака), химна (Gelem, gelem, стара ромска песна од Моладавија, за која аранжман е направен од страна на Ж. Јовановиќ од Србија) и заедничкото усогласување за потребата на стандарден ромски јазик – romani čhib. Постигнат е консензус дека сите ромски дијалекти се сметаат како еднакви и дека ниту еден говор и дијалект не е надреден во однос на друг говор или дијалект. Нагласена е потребата да се работи на стандардизација на ромскиот јазик за да се користи еден ромски јазик во училиштата, конгресите, литературните дела, периодичните и непериодичните публикации. Се дискутирало и за етнонимите Cigan/Cigány, Tsigane/Zingano/Zigeunare, Gitanos i Gypsy и сл., со кои не-Ромите ги нарекуваат Ромите во минатото и одредено е дека името Rom/Rrom, pl. Roma, Rroma, (Sinto, Sinte) со кое самите Роми се именуваат во ромската заедница се единствено име со кое ќе се нарекуваат Ромите во светот. За прв претседател на Конгресот и Интернационалната Ромска Унија е избран Слободан Берберски, книжевник од Србија кој притоа истакнал:

Мојот народ бара тоа што сите останати народи го добиле- право да биде нација. Во догледно време росмкиот јазик ќе се изучува во суте училишта каде што учат Ромите. Ќе поднесеме барање за отворање на Катедри за ромски јазик на Филолошките факултети. За сите ученици кои сакаат да се образуваат, ќе бараме стипендии. Ќе бараме вработување за Ромите. Ние треба да го демистифицираме старото сфаќање за Ромите дека тие се асоцијален дел на општествата.

 

8 Април – Препорака за реализација на план за наставен час

Историски концепт – Читање на историскиот концепт од брошурата (паралелниот учебник) на официјалниот јазик во земјата во која се одржува наставата

Пример:

Воспитно – образовен исход Разработка на исходот
Ученикот ја објаснува динамиката и промените во ромската заедница и историја во 60-тите и 70-те години на 20 век. Ученикот го споредува животот на мнозинското и ромското население во тој период.
Ученикот ги објаснува придобивките од Конгресот на Ромите во 1971 год. за Ромите во светот. Ученикот ги набројува заклучоците од Конгресот.
Ученикот го објаснува ликот и делото на Слободан Берберски. Ученикот го чита дел од книжевноста на С. Берберски на јазикот на мнозинството и ромски јазик.

 

Со ова се постигнува инклузивно образование кое е опишано во теоретскиот дел на овој артикал. Со ова се прави чекор напред во инклузијата на ромските ученици преку нивната историја која во образовниот процес гради демократско граѓанство. Тоа е од многу голема важност за многу земји во Европа. Резултат на тоа е дека ромските ученици, како идни граѓани на Европа, не се заборавени и занемарени како ученици на национално малцинство и дека се дел о нашето заедничко НИЕ и дека за нив не се употребува третото лице за множина ТИЕ и дека не се антијунаци на историјата и за нив не се користи формулацијата со која се исклучуваат како припадници на националните малцинства.

Примери за реализација на план за наставен час (после обука за инклузивна настава за децата Роми) може да се земат од:

https://www.coe.int/en/web/roma-and-travellers/roma-history-factsheets

Strasbourg, France 08 April 2022
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page